Последниве неколку години, светот е во вистински страв од развојот на вештачката интелигенција и иако тој е неоснован за причините за кои се плашат луѓето (како на пример дека ќе не победи), постои реална можност да се намали бројот на работни места поради развојот на ваква технологија.

Но, што ако компјутер со вештачка интелигенција научи да се размножува и направи свое дете, исто така со вештачка интелигенција? Работите стануваат многу покомплицирани, нели?

Би можело да се каже. Имено, алгоритмите за вештачка интелигенција кои ги разви Google AI компјутерот, при што креираше своевидно дете со вештачка интелигенција, се подобри од оние направени од било кој човек. Да, компјутерите со вештачка интелигенција можат да се размножуваат и да стануваат подобри. Самите од себе. Морничаво.

Но, да се вратиме на детето компјутер, чие име е NASNet. Причината зошто детето со „вештачка интелигенција“ е подобро е поради „присилното учење“, каде детето ја користи невралната мрежа на мајката (зборуваме за компјутери, да не бидам сфатен погрешно), но сам ги прави задачите. Благодарение на ова, NASNet е подобар во зададените задачи од останатите компјутери со вештачка интелигенција.

Но, без грижи – овие компјутери се наменети само за препознавање на објекти на фотографии. Не знаат ниту да возат автомобил, не знаат ниту да пресметаат колку се 2+2. Нивната специјална намена ги прави многу послаби од луѓето, генерално гледано, а и резултатот од 82,7% на погодени објекти на сликата е секако послаб од тој на кој и да било човек, но поважно за развојот на вештачката интелигенција, 1,2% подобро од конкурентите компјутери.

Како и да е, ова е огромен напредок за вештачката интелигенција, која сега може да се подобрува и самата себе, без интервенција од луѓето, односно може да креира и целосно свои алгоритми. И да, додека во моментов таа не е воопшто опасна (ние ја имаме контролата), ќе биде интересно да се види што ќе се случи за 20-30 години отсега.

Извор: Alphr, Fossbytes, Futurism

Претходна статијаGalaxy S9 ќе има подобрени десктоп можности
Следна статијаСамсунг започнува со производство на првите 512 Гигабајтни Универзални Флеш Мемории за новата генерација на мобилни уреди