evga-sc17

Производителот кој е попознат по компјутерските компоненти, реши да се испроба и во високата класа на гејмерски лаптопи со новиот 17 инчен SC17, кој има моќни компоненти, дисплеј со висока 4K резолуција и целосна алуминиумска изработка.

Перформанси, дури и за најпребирливите гејмери нема да недостасуваат – процесорот е Core i7-6820HK со четири јадра, додека графиката е GeForce GTX 980M – најмоќна лаптоп картичка во моментов. Компјутерот е опремен и со 32 GB рам меморија на 2.666 MHz, 256 GB M.2 SSD диск и плус 1 TB HDD диск со 7.200 вртежи во минута, за инсталирање на поголемите игри.

evga-laptop

Однадвор, компјутерот е опремен со HDMI и Display Port излези – овој вториот може да се користи за пуштање на 4K видео со 60 Hz на поголем телевизор или монитор. Вградени се и две USB 3.0 порти и една USB Type-C порта.

Како кај секој гејмерски лаптоп и тука тастатурата е осветлена, но само со бела боја – повеќето производители денес се одлучуваат на осветлување во целиот спектар на достапни бои, што можеби дозволува повисоко ниво на персонализација, но ако бидеме реални, белата боја најмалку ги заморува очите.

evga-sc17-slim

SC17 има 17 инчен дисплеј со 4K резолуција, на која поновите игри ќе изгледаат фантастично, но тоа не е неговиот главен адут. Можноста за “overclock” на компонентите, односно процесорот и графичката преку вградениот BIOS се работи кои буквално ќе ги запалат гејмерите и сите оние што сакаат да извадат максимум од својот компјутер.

EVGA ветува и дека вграденото ладење е доволно за да го издржи ова и дека корисниците нема да имаат проблем со прегревање, ниту со премногу бучни кулери кои може да го расипат аудио доживувањето во игрите.

Цената на овој одличен лаптоп (на хартија барем) изнесува 2.700 долари, што можеби изгледа многу, но реално, еден Surface Book со многу послаби компоненти (двојадрен Core i7 и послаба графика) чини дури и повеќе. Всушност, доколку сакате вакви преносни перформанси веројатно и нема да можете да поминете поевтино – гејмерските компјутери секогаш чинеле и ќе чинат едно богатство.

Извор: EVGA, PCWorld, Forbes

Претходна статијаНаредната надградба на Windows 10 ќе биде наречена Anniversary Update – ќе биде достапна од јули
Следна статијаНамалени цени за четвртиот роденден на КупиКнига.мк