earthquake

Откривањето на земјотреси е работа на сеизмографските станици кои имаат прецизна апаратура за мерење на тектонските пореметувања и вибрации. Оваа опрема е скапа и (се` уште) не толку робустна, па е потешко да се распореди насекаде каде што е потребна, особено кај земјите во развој.

Затоа еден тим на научници се обиде да ги анализира мобилните телефони како замена за сеизмографи користејќи ги нивните внатрешни сензори (GPS/Glonass, сензорот за гравитација и залетување, жироскоп и така натаму), и откри дека тие можат да се користат како достојна нивна замена. Тие ќе можат да се искористат како системи за рано предупредување за да можат да се избегнат катастрофи од типот на нуклеарниот реактор во Фукушима или земјотресот кој предизвика цунами во Индонезија во 2004 г. и уби повеќе од 200 илјади луѓе.

Според истражувачите, резултатите од анализата на информациите од мобилните телефони при земјотресот Тохоку во Јапонија покажуваат дека тие имаат повеќе шум од наодите од сеизмографите. Па сепак, мобилни телефони има далеку повеќе него сеизмографи и нивната индивидуална непрецизност ќе биде заменета со имањето милиони мали извори од кои ќе може да се извади слика за сеизмичките промени.

Ваквата анализа ќе може да се искористи и кај земјите во развој кои немаат доволно средства да вложат во напредни мрежи од сеизмографски станици, заменувајќи ги со уреди кои веќе луѓето и така ги купуваат во голем број. Нормално, за прибирање на овие информации ќе мора да се создаде платформа на која секој индивидуалец ќе треба да се согласи да ги дава своите информации, како не би се нарушила нивната приватност со следење на нивната позиција.

Извор: Android Community, The Verge

Претходна статијаBeastgrip Pro – Најдобриот адаптер и држач за објективи за паметни телефони
Следна статијаЕвропската Комисија со обвиненија за Google и Android оперативниот систем