Сите процесори кои ги има во секој паметен уред денес работат на ист принцип, било дали се работи за нашиот компјутер или смартфон, било дали се работи за чип на Intel или ARM чип. Дизајнот на ваквиот тип на процесори потекнува од самиот настанок на компјутерите, кога се користеле (прилично големи) транзистори за процесирање на бинарниот код и супер брза ќеш меморија.

Овие процесори се така дизајнирани за да процесираат голем број на секвенцијални податоци, што делува како многу брз начин на работа според се што можат да ни понудат паметните уреди денес. Сепак, според истражувачите од DARPA ова не е најбрзиот начин на работа и истите тие предлагаат нов дизајн на процесорите, наречен “graph analytic processor”, кој може да ја користи глобалната компјутерска меморија за директно да пристапи до податоците кои му требаат, преку 8-битни дата точки. Поточно, на некој начин овој чип ќе ги „поврзува точките“ кои му се потребни, наместо да ги преработува сите податоци одеднаш.

Ваквите чипови се викаат HIVE и според истражувачите можат драматично да ја зголемат брзината на процесорите. Тие се поддржани од американската војска, но и од големите производители на процесори – Intel и Qualcomm, како и компанијата за одбрана и безбедност Northrop Grumman. Благодарение на многу поголемите брзини на преработка на податоците, овие процесори можат да бидат многу побезбедни од денешните, бидејќи полесно ќе можат да ги забележат сајбер заканите, а исто така можат да се користат и за намалување на ефектите од евентуална епидемија од некоја болест.

Засега, ваквите чипови се само концепт и веројатно ќе помине долго време пред да ги видиме во нашите уреди, ако и воопшто некогаш пристигнат на пазарот. Како и секогаш со новите технологии, потребно е подлабоко истражување.

Извор: Engadget, Fossbytes

Претходна статијаAtari се враќа со нова конзола
Следна статијаПрвиот монитор на Alienware има освежување од 240 Hz