Toyota-Prius_Prime-2017-1280-03

Најголемиот светски производител на автомобили спрема нов систем со „Вештачка интелигенција“, кој ќе овозможи напреден автопилот кај возилата, што ќе може успешно да ги избегне и потешките ситуации на патиштата, односно ќе може сам да одлучи што да направи во случај на евентуален судир. Развојот на овој систем Toyota ќе ја чини 1 милијарда долари.

Разликата на овој систем во споредба со денешните системи е што тој ќе може да реагира како луѓето, односно ќе може многу брзо и длабоко да ја процени ситуацијата. Системот ќе може целосно да го скенира патот, за разлика од актуелните системи кои скенираат само една лента и во случај на опасност брзо да го изнајде најдоброто решение, односно најдобрите маневри за избегнување на поголема штета.

Според Гил Прат, главен во новата дивизија на Toyota за истражување и развој, овој систем ќе може целосно да преземе контрола на возилото во случај на евентуална незгода, но и ќе може да ги направи истите маневри заедно со возачот, односно помагајќи ги неговите реакции. За да може ова да го постигне, системот веројатно ќе ги учи навиките на возачите со време и според тоа ќе ги прилагоди и своите реакции.

Според Toyota, првите возила со ваква технологија ќе се појават на Олимпијадата во Токио во 2020 година, каде јапонскиот производител е и еден од главните спонзори. Истите тие возила ќе бидат опремени и со погон на водород, односно горивни ќелии, која е технологијата што Toyota смета дека е најдобра еколошка замена за денешните возила со погон на фосилни горива.

Покрај развојот на систем кој ќе може целосно да го преземе возењето од возачот, Toyota веќе развива и напредни роботи кои ќе можат да им помогнат на постарите луѓе дома. Според неофицијални извори, јапонскиот гигант планира купување на Boston Dynamics и Schafts од Alphabet, мајката компанија на Google, кои се водечки во роботиката.

Извор: Reuters, NY Times, V3

Претходна статијаMicrosoft Edge овозможува 70% подолго траење на батеријата отколку Google Chrome во Windows 10
Следна статијаChrome OS почна да ја добива поддршката за Android апликации – ќе го направи оперативниот систем многу покорисен