Tesla-Model_S_2013_800x600_wallpaper_14

Вградувањето на се повеќе и повеќе сензори во автомобилите денес, овозможи многу од нив скоро да возат и сами на отворен пат, без апсолутно никаков инпут од возачот, со што долгите патувања се многу полесни и поудобни, а најважно од се, многу побезбедни.

Елон Маск, човекот кој го лансираше првиот производител на електрични автомобилите во самиот врв на автомобилизмот, вети дека моделот Model S ќе може да вози само на отворен пат преку надградба на софтверот во автомобилот, која може да се направи буквално преку воздухот, односно вградениот интернет. Како и паметните телефони.

За оние што веројатно не се толку упатени во автомобилската индустрија, оваа вест веројатно ќе предизвика дури и “WOW” ефект, но има неколку ограничувања. Прво, системот ќе може автоматски да го управува автомобилот само на автопат, каде се бараат и така минимални команди од возачот. Во градска гужва, системот не би се снашол толку добро, односно веројатно би каснел со командите. Често се случува софтверот да биде и збунет од поголема гужва, кога се бара многу процесорска моќ и брза одлука.

И второ, веројатно многу поинтересно, вакви системи во автомобилите веќе имаат Mercedes-Benz, BMW, Lexus и Audi и истите работат перфектно на автопат. Овие системи ги употребуваат вградените радари, кои ја определуваат оддалеченоста од возилото напред, односно специјални сензори и камери кои ги гледаат лентите на патот. Нормално, секогаш на помош е и GPS системот за навигација, кој однапред го одредува патувањето, односно кривините или евентуалните препреки на патот.

Ова им овозможува автоматски да забавуваат, односно забрзуваат доколку возилото напред го направи тоа, како и автоматски да се држат во својата лента. Доколку возачот пак даде трепкач, возилото може да се пресели на брзата лента и да го престигне автомобилот пред него. Овие системи дури имаат и специјални камери за следење на сообраќајните знаци, што на пример им овозможува да се држат во границите на дозволената брзина.

Иако повеќе се чини како маркетиншки потег, бидејќи реално ваквите системи се веќе достапни кај други модели, можноста сопствениците на Tesla Model S само со обична надградба да го имаат ваквото решение е секако за поздрав. Исто така, потегот ќе му овозможи на производителот само да ја зацврсти врската со корисниците, кои се едни од најзадоволните од своите автомобили од сите производители.

Маск најави дека наскоро ќе биде достапна и можност Tesla автомобилот сам да се паркира и тоа со наредба преку специјална апликација за паметните телефони, што значи дека возачот нема да мора веќе да губи време на барање паркинг место.

Извор: Gizmodo, Mashable

Претходна статијаНајскапите апликации достапни на Apple App Store
Следна статијаНова функција на Android ќе го држи телефонот отклучен додека е во џебот