Што е “Cloud” и како да ја изберете најдобрата опција

Напишано на 02.12.2016 - 11:18 од Ивица Милошески

cloud-feat

Се присетувам на времето кога изнајмувавме филмови на VHS касети од најблиската видеотека, кога ги користевме оние фотоапарати со филмови со кои што можеш да направиш 36 слики на кои ако сликаш фотографија нема враќање назад и бришење, кога купувавме касети и по цели денови дремевме пред касетофонот за да ја фатиме омилената песна на радио и да ја снимиме, па кога ќе ја преслушавме таа песна, за да ја снимиме нова, требаше да ја преснимиме врз старата. Кога носевме огромен Walkman со нас и требаше да ја превртиме касетата на “Б” страната за да ги слушаме останатите 6-7 песни кои ги собираше. За да играме една едноставна видео игра, купувавме Nintendo за кое мораше да купуваме дискети.

Денес, сето тоа е минато. Имате еден уред кој сите работи од горенаведените може да ги направи. И тој уред е помал од еден Walkman. Сега на еден уред можете да слушате музика, да гледате видео, да сликате Selfie фотографии, да играте игри … Со самото тоа што еден толку мал уред е мултифункционален, апетитите и потребата за поголема меморија и складирање на сите податоци е поголема. Но, исто така и потребата за сигурно и безбедно складирање на сите тие податоци.

Креативните умови од Силиконската Долина најдоа решение. Cloud Storage е онлајн сервис каде што може да ги складирате сите Ваши податоци, да пристапите од било кој уред кој е поврзан на Интернет и да ги споделите тие податоци со кој сакате. Има повеќе компании кои нудат бесплатен Cloud простор, а како побитни би ги спомнал Microsoft, Apple, Amazon, Dropbox, Box и Google. Јас лично го користам сервисот на Microsoft, OneDrive, бидејќи според мене е најстабилен.

На Cloud-от ги чувам моите најбитни фотографии и видеа кои секако не сакам да ги изгубам со ненадејно расипување на дискот на мојот лаптоп. Исто така имате и опција со месечна претплата по многу достапна цена да го зголемите Вашиот простор, почнувајќи од 1TB што е доста голем простор за зачувување на податоците. Податоците кои што ги имам складирано на OneDrive можам да ги споделам со некој друг корисник кој не мора да има креирано корисничка сметка на сервисот. Можеме и заедно да модификуваме некој документ, како на пример Excel табели или пак Word документи. Исто така, можете да пристапите до Вашите податоци преку веб пребарувачот, или преку десктоп и мобилна апликација. Но, имате и опција да купите и персонален Cloud Server, таканаречен NAS (Network Attached Storage). Тоа е мини сервер, односно кутија во која има дискови кои што можете сами да одлучите колкав простор ќе имате и само треба тој сервер да Ви биде поврзан на интернет. На тој начин, податоците Ви се уште побезбедни, бидејќи сте позаштитени од напади на хакери.

Ви препорачувам на сите да ги користите услугите кои ги нудат Cloud сервисите бидејќи навистина се корисни и ефективни и може да бидат од голем бенефит за Вашите лични потреби како и за Вашиот бизнис.

За Авторот

Јас сум Бетмен. Кога бев мал сакав да бидам космонаут, можеби затоа толку ги гледав Star Trek. Матрикс и Господар на Прстените можам да ги гледам по милион пати. Дете на транзиција. Ја сакам технологијата како што Мистер Бин го сака мечето. Заљубен во Apple. Навивам за Манчестер Јунајтед. Смрт за фашизмот!