qc-101

Сведоци сме на интензивно зголемување на моќта на компјутерските машини кои ги употребуваме денес и кои се наоѓаат насекаде околу нас. Мобилните телефони пред само една деценија имаа значајни проблеми да испратат е-пошта, таблетите не постоеа, домашните компјутери беа доволни за да се искуца текст или да се изигра по некоја игра, а фрижидерите и колите беа само тоа, без способност за саморегулација или помагање на нивниот корисник. Зголемувањето на моќта на технологијата која ја користиме зависеше во главно од намалувањето на големината на електронските компоненти кои ги користат уредите, што овозможува скратување на потрошувачката на енергија, намалување на создавањето на топлинска енергија, намалување на тежината на самите уреди како и зголемувањето на брзината на комуникација меѓу составните делови.

Но ваквите подобрувања, за жал, имаат своја граница. Имено, транзисторските делови кои се користат во модерните микропроцесори можат да се намалуваат само до одредена граница, пред да почне нивниот сигнал да се „прелева“ во други соседни кола и да оневозможи негова обработка и пренос.

Токму затоа научниците, владите и практично сите гигантски светски корпорации кои се на врвот на технологијата полагаат огромни надежи во потенцијалите кои ги нуди технологијата на квантни процесори (Microsoft, Google, CIA и D-Wave се само дел од нив). Во теорија, ако е совесно развиена, оваа технологија би можела да понуди неверојатни подобрувања во однос на стандардната силиконска технологија, како на пример, да овозможи решавање на P → NP проблемот, други нерешени проблеми во математиката и компјутерската наука, создавање на вистинска генерална вештачка интелигенција, пронаоѓање на нови технологии за вселенски транспорт, подобрувања во криптологијата и безброј други проблеми кои ни го отежнуваат животот. Интересното е што самите истражувачи кои ги положуваат своите напори во експериментација и проучување на квантниот свет, не знаат накаде одат и што точно ќе донесат нивните напори и истражувања. И покрај тоа што оваа наука е сеуште на почеток, одредени достигнувања веќе се остварени кои ги хранат надежите.

18kyvomckq5tejpg

Можеби најслабата алка во целиот овој систем се самите крајни корисници, консументите. Иако активностите во истражувањето на квантната механика започнуваат пред повеќе од еден век, генералната популација генерално нема скоро никаква идеја како функционира квантниот свет, ниту како се очекува тој да биде искористен во компјутерската технологија и за подобрување на секојдневниот живот.

Токму поради таа причина неколку компании, меѓу кои и Микрософт со неговиот оддел Станица К/Station Q (од Квант/Quantum) имаат создадено кратки прегледи на основните принципи на работа и нејзините потенцијали. Во продолжение можете да го прегледате видеото наречено Квантно пресметување 101 создадено токму за Станицата К. Видеото би требало да ви даде соодветен краток и основен вовед во целата технологија и што би можела да претставува за нашиот секојдневен живот. 

Ако сте заинтересирани за повеќе информации околу истото, можете да ги посетите и следните страници каде што има поголемо објаснување на концептите обработени во видеото.

Извор: Engadget, Microsoft – Station Q

Претходна статијаГласните реклами ќе бидат ловени со компјутерски алгоритми
Следна статијаMicrosoft го одржува најавениот Windows 9 настан денес во 19 часот