Фото: Aaswath Raman
Фото: Aaswath Raman

Во текот на изминатите неколку години тим од научници од Универзитетот во Стенфорд, развиваше технологија на кровни панели кои, овој пат, имаат за цел да остварат контра ефект, односно да го изладат објектот на кој се поставени. Во пракса и не изгледа така софистицирано, бидејќи тимот научници во последните тестови успеал да излади загреана вода.

Колку и да звучи апсурдно, сепак се работи за ревулуционерна технологија која е сѐ уште далеку од својата финална намена и изглед. The Stanford system, како што го нарекуваат всушност функционира по принципот на радиативно ладење кон небото. Проектот започнат во 2013-та година има за цел, во некоја блиска (или не толку блиска) иднина да овозможи ладење на објекти без потреба од користење на некој дополнителен извор на енергија.

Системот би ја акумулирал топлотната енергија од објектот и би ја лансирал кон небото, на фреквенција соодветна, за истата да може лесно да помине низ атмосферата и да стигне до отворениот простор на вселената. За да се одбегне прегревање на панелите при услови на сончево и топло време, истите се покриени со повеќеслоен оптички филм, кој има својство да рефлектира до 97% од сончевите зраци кои го допираат.

За време на тестирањето, научниците докажале дека по овој принцип успешно може да се излади проточна вода, која понатаму би била дистрибуирана низ објект преку цевки, на кој начин и самиот објект би ја намалил температурата.

Имено, според последните тестирања, 4 панели со површина од 0,2 квадратни метри биле поставени врз цевки со брзо проточна вода. За период од 3 дена, панелите успеале да ја намалат температурата на водата во цевките за 3 до 5 целзиусови степени, споредено со генералната температура.

Извори: NewAtlas, Nature

Претходна статијаAsus го претставува новиот ZenFone V
Следна статијаСамо уште еден ден до јубилејнто издание на Викенд Медиа Фестивал