Роботиката, особено онаа која им помага на луѓето на кои им фалат делови од нивното тело, е во огромна експанзија. Научниците веќе открија начин да ги поврзат роботските раце и нозе со останатиот дел од телото и корисникот да може да ги контролира како што би контролирал свој екстремитет, а сега има и кожа која може да црпи енергија од сонцето.

Кожата ја открија научници од Универзитетот во Глазгов. Таа е опремена со фотонапонски ќелии, кои како и кај соларните ќелии, можат да ја црпат енергијата од сонцето. Овие ќелии се ставени зад сензори од графен, кои се транспарентни и кои ќе му овозможат на корисникот да чувствува допир и тоа со различни нивоа на притисок, исто како што чувствува човечката кожа.

Овие сензори ќе се напојуваат токму преку сонцето. Иако мала, оваа енергија ќе биде доволна за нив – нив им требаат само 20 нановати по квадратен сантиметар. Исто така, иако во моментов тоа не е можно, научниците бараат начини да ја зачуваат таа енергија во батерии, со цел да може да биде искористена подоцна, како на пример во ноќни услови.

Во иднина, научниците зад овој проект велат дека ваквата технологија ќе може целосно да ги напојува протезите, вклучувајќи ја и моториката, односно движењето. Засега, ваквите протези се напојувани од големи батерии и бараат константно дополнување со енергија, но наскоро само едно сончање би можело да ја заврши истата работа.

Извор: CNET, CBS, University of Glasgow

Претходна статијаПознати тројцата победници на натпреварот за млади претприемачи од Западен Балкан
Следна статијаЕлон Маск преку SpaceX во борба против апокалипса