Скоро сите чипови и сензори кои денес ги имаме во нашите уреди, трошат од драгоцените ампери на вградените батерии, па затоа и скоро секогаш ни треба барем малку подолго траење на батеријата. Научници од Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего имаат решение, кое е прилично едноставно и кое го имаат применето на сензор за температура, но кое во иднина би можело да се примени и во други типови на чипови.

Имено, тие имаат дизајнирано сензор со многу мали транзистори и многу мал простор меѓу транзисторите. Досега, ваквите дизајни беа проблем поради тенкиот простор меѓу транзисторите низ кој протекуваат електрони, кои во случај на процесор на пример можат да покажат грешки. Затоа, многумина сметаат дека процесорите и чиповите можат да одат најмалку до 7 nm големина на транзисторите пред да настанат проблеми.

Кај температурниот сензор кој го имаат покажано научниците од UC San Diego, токму овие електрони кои протекуваат од транзисторите се користат за напојување на сензорот. Благодарение на тоа, тој троши 628 пати помалку енергија од најдобрите термички сензори на пазарот во моментов. Ова значи дека овој сензор користи само 113 пиковати енергија, што е 10 милијарди пати помалку од еден ват. Во превод, овој сензор може да се напојува многу години, од многу мала батерија.

Овој сензор може да мери температура со распон од -20 до 40 степени Целзиусови и може да се покаже корисен во паметни часовници или други типови на уреди кои се носат, кои се познати по тоа што имаат многу слабо траење на батериите. Единствен негов недостаток е што прилично бавно ги мери паѓањата или качувањата на температурата, односно еден степен за една секунда. Сепак, ова не ја намалува неговата вредност – тој може да биде одличен за мерење на температурата на човековото тело на пример.

Извор: Engadget, Slash Gear

Претходна статијаПротекоа информации и фотографии од откажаниот Surface Mini
Следна статијаПотврдено: Први реални фотографии од iPhone 8?