Дефинитивно, најголемиот иноватор кога се дисплеите во прашање е токму Samsung. Имено, тие наскоро треба да претстават OLED дисплеј, кој лесно ќе можете да го ставите околу вашата рака и да го користите како паметен часовник или пак да го исправите и да го користите како паметен телефон, односно таблет.

Всушност, неговата големина е повеќе на таблет страната – изнесува 9,1 инчи. Сепак, благодарение на тоа што ќе може да се витка, тој буквално ќе може да се свитка во цевка за да зазема многу помало место. И за разлика од останатите дисплеи кои Samsung ги претстави претходно, а кои имаа слични вакви можности, овој може да се витка на сите страни, а не само на едната.

Ова е чекор поблизу до вистински уреди кои ќе имаат дисплеј кој ќе може да се свитка или превитка на половина, но тоа не значи дека тие ќе пристигнат „утре“. Според Samsung на технологијата треба уште малку да се поработи за да биде спремна за пазарот, а добра претпоставка е дека треба да почекаме уште најмалку две години.

Всушност, според истражувачите на пазарот на свитливи дисплеи, тие треба да пораснат до бизнис кој вреди 15,5 милијарди долари во 2022 година, од денешните 3,7 милијарди (за 2016 година). Тука огромен дел во колачот сигурно ќе зема Samsung, кој е најнапред во оваа технологија, но и Apple и LG најавуваат смартфони, поточно уреди кои ќе можат да се виткаат во иднината, преку патенти.

Извор: Mashable, GSMArena, Engadget

Претходна статијаLG X Venture е супер издржлив смартфон со просечни спецификации
Следна статијаПротекоа фотографии и информации од Nokia 9 – ќе биде многу моќен смартфон