20150120_Reaktor_6213_L

Ок, признаваме дека сегашната батериска технологија е катастрофална и за да имате батерија која би траела една недела треба во обем да биде несразмерно голема на потребите, но дали навистина ви треба батерија која би траела 50 години?

Руските инженери мислат – да. Впрочем, ваквите батерии веројатно нема да се рашират на потрошувачкиот пазар туку ќе си го најдат местото во најразлични сателити и вселенски мисии. Имено, засега сателитите во главно се ослонуваат на сончевата енергија за обновување на нивните капацитети за енергија. Ова станува проблематично кога сателитот не е во допир со сончева светлина поради тоа што некое друго тело (Земјата, Месечината…) се наоѓа меѓу нив.

Во тој случај одлично би било да има извор на енергија кој е независен од Сонцето, а воедно да не биде прегломазен (каков што бива со денешната батериска технологија). Затоа, рускиот рударско-хемиски комбинат ќе започне со произведување на батерија која се базира на изотоп никел-63. Предноста на ваквата нуклеарна батерија е во малите димензии и огромниот век на траење, според кој инженерите ја нарекле батеријата „вечна“. Истата нормално не е вечна, но животниот век од 50 години е практично вечен.

Ваквите батерии ќе можат да се употребуваат и за пејсмејкери, за телекомуникации, најразлични преносни уреди кои би ги носел човек, а кои немаат добар пристап до енергија, итн. Ако се грижите поради тоа што се работи за нуклеарна батерија, немојте. Овој изотоп на никел е доста слаб и со квалитетна заштита на самата батерија ќе оневозможи скоро било каква радијација да стигне до вас.

Извор: Sputnik News, Texnomaniya, Marchmont

Претходна статијаGalaxy Note 5 ќе има полуксузен дизајн
Следна статијаUber презема дел од Bing Maps технологијата заедно со група на вработени од Microsoft