lifelikebion

Понекогаш животот не е добар со нас и можно е да изгубите некој екстремитет, рака или нога. Во тој случај засега повеќето луѓе се ограничени на не многу „живи“ модели кои ги прикачуваат и со кои во главно не остваруваат скоро никаква функција (а пак да не зборуваме приближување до природната за тој екстремитет). Тоа на пациентите најчесто многу тешко им паѓа и се надеваат дека ќе пристигне нова технологија која ќе им овозможи да повратат дел од изгубените функции и можности.

Ние веќе пишувавме за бионички раце, ткива и други делови од телото кои наскоро ќе можат да се заменат со технолошки изведби. Овој пат се работи за бионичка рака која е дизајнирана на малку подруг начин, па затоа е релативно блиска до вистинската рака. Имено, се работи за парче технологија која е дизајнирана земајќи ја вистинската рака во предвид, и така е градена. Тоа значи дека прстите, зглобовите и „мускулите“ на истата ја симулираат функцијата на природната рака, овозможувајќи им на луѓето бргу да се привикнат на најновиот додаток.

Дополнително, раката е дизајнирана да биде доста издржлива, па може да издржи до 45 килограми тежина. Ако некој смета дека ова не е премногу импресивно, го покануваме да крене 90 килограми со двете биолошки раце во теретана, па наскоро ќе се убеди во приличната тежина и незграпност на 45-те килограми. Самата рака тежи помалку од 400 грама (!) и поголемиот дел од тежината е распореден кај рачниот зглоб за да има природно натежнување.

Раката има голем број на сензори со кои ги набљудува реакциите и сигналите кои ги праќа телото, и ги преведува во акција во раката. На пример, кога сакате да го мрднете показалецот, тој сигнал се пренесува и толкува од раката и показалецот се мрда во посакуваниот правец. Дополнително, раката има опција автоматски да открие кога некој предмет би можел да биде случајно испуштен и да даде команда поцврсто да се задржи.

Оваа бионичка рака го имаше и првиот пациент: Ники Ешвел која се има родено со многу чудна деформација – без десна рака. По одреден период на прилагодување Ники вели дека бионичката рака и` го подобрил животот. Се надеваме дека ќе го подобри животот и на некој друг несреќник кој ја изгубил дланката.

Извор: IFLScience, Gizmag

Претходна статијаSamsung работи на нова, подобра батериска технологија базирана на силикон
Следна статијаGoogle Earth со две новини за 10 годишнината од претставувањето