ProjectMuze-930x488

Синтетичката интелигенција започнува да биде воведена во сè живо и диво. Автономни возила, барање на најдобар пат меѓу Скопје и Мадрид, машински превод од свахили на клингонски, сервирање на „општествено-подобни“ и „политички коректни“ вести на вашиот Facebook ѕид (познато како цензура во нормалниот свет), сортирање и отфрлање на спам пораки во вашето електронско сандаче… Сето ова спаѓа во доменот на машинска интелигенција.

Па, зошто тогаш не би го вовеле и во доменот на модните креации? Така размислуваат и од Google, кои заедно со германската модна компанија Zalando се активираа во заеднички проект при кој платформата за синтетичка интелигенција на Google наречена TensorFlow ја употребуваат да ви создаде нова креација по … нејзина желба.

Пишувам „нејзина“ зошто треба да фрлите еден поглед на креациите за да видите дека не се баш ремек-дело на најдобрите денешни креатори (кои, пак, не е дека секогаш знаат да направат нешто врвно – уште еден поглед врз Fashion TV и ќе ви стане јасно дека некој навистина имал многу слободно време). „Креациите“ се, благо-речено, катастрофа, но таков е секој почеток на секој уметник.

TensorFlow овозможува да одберете расположение и други карактеристики на креацијата која ја сакате и потоа сам ја создава. Во тоа се „инспирира“ од Google Fashion Trend Report, како и од креации и насоки на самите Zalando.

Компаниите се обидуваат да ни го прикажат воведувањето на синтетичката интелигенција како чисто позитивна и „тренди“ работа, но што правиме кога една синтетичка интелигенција ќе создава текстови кои ќе бидат читани од други синтетички интелигенции, кои пак ќе создаваат модни креации кои ќе можат да бидат купени само од трети синтетички интелигенции, кои пак ќе создаваат струја за четврти… а луѓето ќе останат на дното во тивко очајување поради сеопштата маргинализација која била направена без да се размисли на последиците.

Дополнителни информации: VentureBeat, Electronic Specifier, Engadget

Претходна статијаApple Watch Series 2 има вграден GPS и водоотпорност до 50 метри, но и натаму кратко траење на батеријата?
Следна статијаSony го претстави помоќниот PlayStation 4 Pro, донесува 4K HDR гејминг