Има ли нешто погенијално од преносливи, флексибилни живеалишта опремени со паметна технологија? Трите карактеристики споени во еден концепт отприлика ја даваат сликата за начинот на живеење во иднина. Сето тоа е идеја на Арон Холм, поранешен продукт-менаџер во Amazon, која сериозно се „заканува“ да стане реалност.

Неговата идеја, наречена Blokable е инспирирана од дизајнот на бродските контејнери или можеби подобро да се каже нивната практичност. Како што е познато, во некои градови во САД, како на пример Детроит, постојат цели заедници луѓе кои живеат токму во бродски контејнери.

Идејата за живеење во нив доаѓа од високите цени за кирија и сметки, па ваквиот начин се покажал како одлично алтернативно решение. Имено, токму тоа го инспирирало Холм да го развива концептот на преносливи и лесно адаптирачки домови. Слично како што при порачувањето на автомобил имате прилика да ги одберете карактеристиките и опремата која истиот ќе ја поседува, Холм има идеја да произведува домови по нарачка, кои подоцна би можеле да се достават на одредено место, но и од таму да бидат преместени на безброј локации зависно од потребите.

Неговата замисла, во пракса изгледа вака: Со цел да се исполнат најчестите побарувања на купувачите, потребно е „единиците“ кои би го формирале домот да бидат достапни во различна квадратура, лесно адаптирачки на потребите на корисникот и секако, флексибилни во однос на цената. Единиците, наречени „Блокови“ се достапни во должина од 5,4 до 11,5 метри, а можат да бидат надополнети со ентериер во зависност од потребата, како на пример бања, кујнски елементи, дневен престој и сл.

Дополнително секој „Блок“ може да биде прилагоден со прозорци, скали или врата. Цената на единиците по квадратен метар се проценува помеѓѕ 150 и 300 американски долари што е неверојатно ниско, споредено со цените на традиционалните недвижнини за таа намена.

Компанијата на Холм не е прва која се занимава со ваквиот начин на градба, меѓутоа, тој е убеден дека Blokable се издвојува од останатите поради технологијата која ќе им биде овозможена на потенцијалните жители на неговите блокови. Тука се работи за паметна-технологија имплементирана на потребите во домот, односно, контрола и режими на користење на електрична енергија, вода, температура, осветлување и безбедност. Сето тоа ќе може да се контролира мануелно, но и преку воспоставување на режим од типот на Home, Away, Sleep, или Vacation.

Од компанијата очекуваат главните купувачи да бидат жителите на предградијата на големите градови, односно луѓе со ниски примања или неперманентни жители. Ниската цена и можноста за густо населување на потенцијални населби градени по овој терк, според нив би можеле да бидат решение за проблемот со вдомувањето.

Идејата е сосема изводлива со оглед на тоа што за конструкција на ваквите домови се потребни месеци, наспроти годините потребни за изградба на традиционалните згради. Понатаму на овој начин ќе можат да се експлоатираат земјиштата со ниска вредност на кои би можеле да се населат студенти, работници и сл. Продажбата на „Блоковите“ се очекува да започне веќе годинава.

Извор: DigitalTrends

Претходна статијаСамоуправувачки, електрични возила се поблиску до реалноста
Следна статијаWindows Vista замина во историјата – заврши поддршката за оперативниот систем