Малиот остров Ta’u, кој се наоѓа во American Samoa и брои само 800 жители, е еден од островите кои во иднина ќе бидат целосно снабдени со електрична енергија добиена од обновливи извори, поточно од соларна енергија. Tesla и SolarCity преку инсталирање на 5.300 соларни панели им овозможуваат на жителите од овој остров доволно електрична енергија за задоволување на нивните потреби, без притоа нивната недопрена природа да биде нарушена со загадување на воздухот или на било кој друг начин.

Соларните панели се поврзани со 60 Tesla powerpacks кои можат да складираат 6 мегавати електрична енергија, што е доволно за 3 дена користење без дополнително производство. Пред да бидат поставени панелите од SolarCity, овој мал остров се снабдувал со електрична енергија преку стари дизел генератори. Овие генератори согорувале неколку стотици илјади галони гориво, при тоа штетно влијаејќи на околината. Средствата наменети за транспорт на тоа гориво до островот се исто така заштедени во овој случај.

Целта на овој проект на Tesla е еден вид на тест, кој доколку се покаже како успешен планирано е да се примени и на територијата на САД, прво во малите градови и села, за потоа да може да се примени и во големите градови во државата. Несомнено е дека ова е еден од најбезболните начини да се добие електрична енергија, и колку побрзо ќе го прифатиме толку побрзо ќе ја спасиме природата околу нас. Се што треба е зголемување на свеста кај граѓаните и со нивна помош малите проекти од овој тип да прераснат во големи и колку што може побројни.

Извор: HuffingtonPost, Engadget

Претходна статијаРасте бројот на нови работни места во соларната индустрија
Следна статијаSony разви фотографски сензор за смартфоните кој може да снима со 1.000 слики во секунда