Нашата земја е честа мета на земјотреси, кои се детектираат со прилично голема точност. Сепак, според најнови истражувања од научници од Универзитетот во Стенфорд, тие можат да бидат порано и попрецизно детектирани со мрежа од оптички кабли, која веќе ја има во сите поголеми градови во светот, меѓу кои и Скопје. Но, зошто воопшто би се префрлиле на ваква детекција?

Ваквиот систем на детекција може да се користи за пронаоѓање на секаков тип на земјотрес, меѓу кои и помали локализирани земјотреси, кои инаку нема да можат да се детектираат со стандардните сеизмографи кои се оддалечени од тоа место. Системот работи така што детектира нарушување во ласерите во оптичките кабли при мрдање на земјиштето.

Овие резултати би можеле да се употребат за многу подобри прогнози за земјотреси во иднина, но уште поважно, може да ги предупредат луѓето уште пред земјотресот да пристигне кај нив. Имено, доколку има силен земјотрес, тој може да се почувствува и на 50-100 км оддалеченост со потешки последици, но дури минута до две после неговото настанување во епицентарот.

Бидејќи оптичката мрежа пушта информации со брзина на светлината, таа би можела да ги предупреди граѓаните уште пред земјотресот да пристигне во нивната околина, со цел тие подобро да се заштитат од евентуалните последици. Вакви системи веќе се користат на неколку места во светот, како на пример Јапонија, но со сеизмографи, а не со оптичка мрежа, која би била многу побрза и попрецизна.

Како и да е, ова е засега само добра идеја, бидејќи за квалитетна имплементација, оптичката мрежа треба да е многу распространета и тоа не само во градските подрачја, туку и надвор од нив, што засега се чини тешко за изведба. Сепак, во земји кои се во „трусно подрачје“, како нашата, ваков систем би можел да значи и спасување на многу животи, што е секогаш добра инвестиција.

Извор: Engadget, PC Mag, Stanford

Претходна статијаСтив Вознијак нема да купи iPhone X првиот ден по лансирањето
Следна статијаПроблемите со дисплејот на Pixel 2 XL би можеле да го уништат хардверскиот проект на Google?