Градовите во кои живееме денес не се особено променети во последниве неколку децении. Камерите кои го снимаат сообраќајот и евентуално безбедносните камери се единствената технологија надвор од транспортот, која го менува начинот на кој тие функционираат, но не значително премногу. Поточно, таа не може да се користи за превентивно дејствување, туку само подолго време откако ќе се случи некоја незгода (обично за пишување казни да бидеме реални).

NVidia сака да го промени ова со нивната Metropolis платформа, која е поточно вештачка интелигенција на нивото на цел еден град. Metropolis може да се користи за следење на секој аспект на животот во еден град, било дали се работи за сообраќајна незгода, пожар, кражба или некој друг вид на девијантна појава, односно траење на зеленото/црвеното светло на некој семафор според сообраќајот итн. Благодарение на инстантно забележување на овие работи, Metropolis може да се користи за делување за намалување на штетата уште веднаш.

Според тоа, Metropolis е AI (вештачка интелигенција) софтвер, кој користи видео аналитика за да следи што се случува низ паметните градови. Платформата користи длабоко учење со помош на NVidia Quadro графичките карти и може да препознае скоро се што има на видеата во живо, без потоа да има потреба да се зачувуваат неважни делови снимени од камерите, кои би одземале многу, многу место. NVidia предлага користење и на своевидни подвижни роботи, кои искрено делуваат прилично страшно, особено што ќе знаете дека ве снимаат.

Всушност, главната предност на Metropolis во однос на денешното следење на камерите е што се исклучува факторот човек. Имено, за следење на сите камери во една модерна метропола, потребни се стотици луѓе, кои и во тој случај не ја завршуваат целосно оваа работа. Metropolis може да го направи истото само со еден сервер, односно дата центар.

Оваа технологија, иако може да донесе многу придобивки за функционирањето на еден „паметен град“, наложува и многу прашања за приватноста. Додека таа е веќе загрозена со стотиците камери поставени низ поголемите градови, меѓу кои и Скопје, со компјутер со вештачка интелигенција кој ќе може будно да ги следи сите настани, очекувајте и вашето „лице“ да биде константно следено и институциите да знаат кај сте. Да, на ова може да се постават граници, но никогаш нема да можете да бидете сигурни дали ќе се почитуваат…

Извор: New Atlas, Venture Beat, ZDNet

Претходна статијаOpera прелистувачот сега доаѓа со вградени Messenger, WhatsApp и Telegram
Следна статијаMicrosoft го лансира “Cortana Skills Kit”, очекувајте многу паметни уреди со Cortana