Две големи компании како што се Nvidia и Bosch се заинтересирани за пазарот на автономни возила. Се чини дека Nvidia избра одличен партнер којшто соработува со најголемите автомобилски компании и кој што може да ја внесе Nvidia на голема врата во автомобилскиот свет. Целта на оваа соработка е создавање на суперкомпјутер со вештачка интелегенција којшто ќе се користи во беспилотните автомобили. Nvidia сега може да се посвети на создавање на суперкомпјутерот којшто го има проектирано за овој вид на автомобили, додека пак Bosch ја обезбедува продажбата на овој продукт кај речиси сите најголеми автомобилски компании во светот.

Германската компанија е позната по огромниот број на производи коишто важат за едни од најквалитетните и најпродаваните во светски рамки, а голем дел од нив се производи за автомобилската индустрија. Нивните соработки со компании од рангот на Mercedes, Opel, Audi итн. само ја покажуваат нивната сериозност на автомобилскиот пазар.

Што се однесува до новиот суперкомпјутер на Nvidia, тој не е кодиран за секоја поединечна ситуација, туку е систем со бројни примери од човечко однесување, па компјутерот сам одлучува за постапките во одредени ситуации. Ќе функционира повеќе како ко-пилот оставајќи повеќе простор за контрола на возачот, притоа давајќи предупредувања за одредени ситуации. Притоа ќе може да чита од движењето на усните на возачот комбинирано со аудио звук, без разлика на вревата која што е присутна во самиот автомобил. Инаку овој чип е единствен во светот којшто може да работи со автономност од четврто ниво или Level 4.

Извор: TechCrunch

Претходна статијаУште една жртва на Литиум-јонските батерии
Следна статијаHuawei P10 Lite е поевтина верзија на популарниот P10