Супер кондензаторите не се ништо ново. Всушност, со нив веќе се експериментира со години. Накратко, се работи за кондензатори кои многу подолго можат да го задржат полнежот и поради природата на полнење со електрицитет на кондензаторот, можат да се наполнат исклучително брзо.

Зависно од капацитетот, полнењето на супер кондензаторите трае од неколку секунди до минута-две, што е пократко време дури и од тоа што го трошиме за полнење на автомобилите со фосилно гориво. И покрај овие предности, супер кондензаторите се уште не ги гледаме како замена за стандардните литиум-јонски батерии во нашите уреди од една едноставна причина – преголеми се.

Поточно, супер кондензатор со ист капацитет би бил неколку пати поголем од класична батерија. Ова ги прави некорисни за нашите преносни уреди, кои сакаме да се супер тенки и лесни, а исто така и за возилата, бидејќи во тој случај батериите би одземале многу драгоцен простор од внатрешноста.

Сепак, истражувачи од Универзитетот на Централна Флорида, мислат дека имаат решение. Како и со многу нови откритија денес, тајната е во нано технологијата. Тимот предводен од Јеонвунг Јун успеа да направи нано кондензатори. Овие кондензатори се составени од преку милион мали жички покриени со школка од 2D нано материјали.

Жичките се тука за да ја пренесат електричната енергија кон школката со исклучително висока брзина, каде потоа се задржува електрицитетот. Бидејќи се многу тенки, во една стандардна батерија може да се вградат многу вакви школки и таа да има многу висок капацитет за нејзините димензии. Ова значи дека смартфон со ваква батерија би се полнел за само неколку секунди и потоа би траел цела недела со едно полнење. Импресивно.

Покрај овие предности, супер кондензаторите се и многу потрајни, односно не губат на капацитетот дури и после 30.000 циклуси на полнење, за разлика од само 1.500 циклуси на литиум-јонските батерии. Поточно, овие батерии веројатно никогаш нема да можете да ги уништите, бидејќи сигурно ќе траат повеќе од вашиот уред.

Извор: Factcoexist, Autocar, Daily Mail

Претходна статијаНајголеми грешки кои ги прават возачите при возење во зима
Следна статијаNikola One е првиот камион со погон на водород, кој најавува револуција во товарниот сектор