Дел од 354 МВ сончев комплекс на северот на Сан Бернардино општината, Калифорнија

Пред некое време пишувавме за технологијата на концентрирана сончева енергија, како и за градот Масдар кој треба да се напојува исклучиво од обновливи извори, паркинзи направени од сончеви панели како и сончеви панели кои се скоро невидливи. Технологијата базирана на искористување на Сонцето како огромен извор на енергија е во подем и се очекува во следните неколку децении заедно со другите обновливи извори да ги замени фосилните горива (секако, тоа ќе претпостави електрификација на многу сектори и индустрии како што е индустријата за автомобили). Ова предвидување веќе се остварува во САД.

Според најновите анализи на Дојче Банк во 2016 година се очекува енергијата базирана на Сонцето (вклучувајќи ја и концентрираната сончева енергија како и фотоволтаиците и другите видови) да стане поевтина од енергијата добиена од фосилните горива во дури 47 сојузни држави на САД. Ова предвидување ќе важи ако остане даночниот попуст од 30% кој денеска постои во САД. Но и да се намали на 10%, се претпоставува дека сончевата енергија ќе го постигне ценовниот и енергетскиот паритет во 36 сојузни држави за истото време – до 2016 година.

Сончевата енергија веќе има постигнато мрежен паритет во 10 сојузни држави кои се одговорни за 90% од производството на енергија од Сонцето во САД. Во овие држави се очекува инсталираните сончеви капацитети да се зголемат до 6 пати во следните 3 до 4 години.

Според Меѓународната енергетска агенција, Сончевата енергија можно е да доминира со изворите на енергија до 2050 година при што фотоволтаиците би произведувале 16% од светската електрична енергија, а централите на концентрирана сончева енергија 11%. Ова се очекува значително да го намали и загадувањето на воздухот и почвата предизвикано од согорувањата на фосилните горива.

Едноставно, очигледно е дека енергијата добиена од обновливи извори и особено од главниот извор на енергија на Земјата, Сонцето, е иднината која човештвото треба да ја преземе.

Извор: Bloomberg, Reuters

Претходна статијаПилотната кабина на новиот тенк на DARPA
Следна статијаMK Transport: Се што ви е потребно за патување низ Македонија