xxl_colour-e-ink-970-80

И покрај значителните подобрувања последниве неколку години, траењето на батеријата на нашите паметни телефони и натаму не е задоволително, особено ако се заборавиме со користење. Причината за ова е дисплејот, кој е убедливо најголем потрошувач на енергија од сите компоненти во телефонот.

Ова би можело наскоро да се смени, благодарение на нов тип на e-ink технологија, која моментално се користи во електронските читачи за книги. E-ink дисплеите се познати по исклучително ниската потрошувачка на енергија, поточно тие воопшто и не трошат енергија кога нема движење на сликата. Затоа и електронските читачи на книги знаат да траат и по еден месец со едно полнење.

Сепак, e-ink технологијата има и неколку големи недостатоци. На пример, засега нема таков дисплеј во многу бои, односно обично е ограничен само на неколку бои, а исто така скоро и да не може да прикажува слики во движење, бидејќи е многу бавен. Од друга страна, предноста на ваквиот дисплеј е што на денска светлина нема потреба од осветлување, бидејќи може да биде осветлен од светлината од околината, за разлика од LCD и AMOLED дисплеите.

Но, ако може да им веруваме на научниците од “Chalmers University of Technology”, тие имаат развиено e-ink дисплеј кој може да го прикаже целиот спектар на бои и да има брзо освежување на сликата. Ова е постигнато благодарение на кондуктивен полимер кој ја покрива површината на дисплејот и кој може да прикаже различни бои зависно од тоа како ја одбива светлината од околината.

Според истражувачите, овој дисплеј не е многу далеку од сериско производство, иако тие во лабораторијата засега имаат направено само неколку примероци. Сепак, ваквите дисплеи би содржеле сребро и злато, што значително би ја подигнало нивната цена и би го ограничило нивното вградување во уредите наменети за широка потрошувачка.

Извор: T3, New Atlas, Overclockers Club

Претходна статијаРеј Курцвејл: до 2030 ќе станеме супер интелигентни киборзи
Следна статијаВработените во Microsoft се посреќни од оние во Apple