bigbelly-solar02

Канта за ѓубре – толку обична „справа“ која има една задача – да собира остатоци од нашата активност на Земјата. Сепак, некои компании размислуваат поинаку и сметаат дека кантата за ѓубре може да биде многу повеќе од тоа што е досега.

На пример, компанијата од САД наречена BigBelly сака да ги преуреди њујоршките канти за ѓубре во точки за безжична мрежа преку која ќе се служи бесплатен Интернет. Секако, Интернетот кој ќе се добива од овие точки нема да биде „бесплатен“ туку ќе се плаќа со тоа што ќе гледате реклами на екраните кои ќе бидат закачени за кантите. Дополнително, со самите екрани ќе може да се искажуваат предупредувања и јавни објави до минувачите.

Овие канти ќе имаат Интернет проток од 50 до 75 мегабити во секунда, што значи дека една њујоршка канта за ѓубре ќе има поголем проток него просечната кабелска Интернет маалска мрежа во Македонија. Првичните тестови се веќе направени, и според Џереми Шнајдер од Downtown Alliance е доволно голема брзина за работење на мали бизниси кои би се поврзувале на кантите. Дополнително, кантите ќе можат да откријат ако мирисаат премногу, дали се полни па да ги алармираат собирачите на ѓубре, па дури и да ја компресираат содржината ако се приближуваат до сопственото ограничување.

Ако BigBelly го добие грантот од градоначалникот на Њу Јорк ќе започне со конверзија на стандардните канти за ѓубре во вакви, што е напредок во домен околу кој ретко кој размислува да го реши или подобри.

Извор: Engadget, Huffington Post

Претходна статијаTerrafugia TF-X – автомобил-авион на (блиската) иднина
Следна статијаMicrosoft ја претстави Send – Апликација за кратки пораки преку email