Поголемиот број од нас возиме автомобили со мануелен менувач, што во превод значи дека во долниот дел мора да работиме со три педали – една за квачилото која ја притискаме со левата нога со цел да смениме степен на пренос, една за кочење и една за забрзување.

Кај автомобилите со автоматски менувач педалите се редуцирани на само две – за кочење и забрзување, што многу го олеснува возењето, но Nissan има друга идеја – возење само со една педала!

Прво, за да не ви биде нејасно – две педали во долниот дел ќе има, односно едната ќе биде за кочење. Сепак, поради самата природа на педалата за забрзување, таа скоро и да нема да треба да се користи, освен во итни случаи.

Поточно, педалата за забрзување наречена E-Pedal, кога ќе се отпушти, значително ќе почне да го забавува возилото, дури и до комплетно застанување, како на пример на семафор. Ова функционира така што електричниот мотор кој ќе го движи Leaf делува како генератор, кој при забавувањето ги полни батериите. Благодарение на значителното забавување и батериите ќе се наполнат многу побрзо, а плочките и дисковите од системот за кочење ќе траат подолго.

Ова делува навистина интересно вака на хартија (и на видео), но треба да се испроба во пракса за да се види како функционира. Лично, имам испробано неколку електрични автомобили кои позначително забавуваат кога ќе се отпушти педалата за забрзување (иако не толку како што најавува Nissan) и времето за навикнување е прилично долго. Но, ако ја зголеми автономијата со едно полнење на батериите, би се сложил да се навикнам. Се во името на почист воздух!

Извор: TechRadar, DailyMail, Forbes

Претходна статијаРеконструкција и изградба на патишта, времен режим на сообраќај, црни точки – закана за безбедноста во сообраќајот
Следна статијаMeizu Pro 7 и Pro 7 Plus имаат двојна камера и втор дисплеј во задниот дел