До пред неколку години, во времето кога смартфоните нагло растеа со своите димензии на дисплеите, имаше неколку модели кои имплементираа и 3D екрани, како на пример HTC Evo 3D. Овие екрани можеа да прикажат слика со длабочина, без да има потреба корисникот да носи специјални очила. Сепак, оваа технологија не успеа и денешните смартфони имаат само обични дисплеи, нормално со поголема резолуција и повисок квалитет.

Сепак, наскоро 3D технологијата се враќа, но сега „вистински“. Зошто вистински? Затоа што новите дисплеи ќе имаат можност да прикажат вистински просторна 3D слика, односно своевиден холограм кој лебди над дисплејот. Ова го имаат постигнато научници од Австралија и Кина, кои имаат направено површина тенка неверојатни 25 нанометри (потенка од човекото влакно), која може да прикаже просторен холограм со помош на контролирана ласерска светлина.

Според научниците, оваа технологија не прави вистински холограм, но ги лаже очите на тој кој го гледа дека лебди во просторот. Предноста на оваа технологија е сепак што големината на дисплејот на ваквиот уред веќе нема да биде релевантна, бидејќи сите информации ќе се прикажуваат во просторот одоколу. Ова отвора многу нови можности за дизајнирање на паметните телефони од иднината, кои би можеле да бидат многу помали и да прикажуваат многу повеќе визуелни информации.

Технологијата сепак се’ уште не е спремна за вградување – научниците работат на правење на цврст филм кој ќе може да се искористи на стандарден LCD дисплеј кај смартфоните. Сепак, доколку има партнери кои би сакале да имплементираат ваква технологија, тие се сигурни дека првите смартфони способни за прикажување на холограм би можеле да се појават за 5 години отсега.

Извор: TechRadar, Tech Spot, Wired

Претходна статијаПротече тајниот правилник на Facebook за справување со несоодветна содржина
Следна статијаApple се обидува да ги мотивира Android корисниците да купат iPhone