nasa_sony_playstation_vr_mighty_morphenaut_1400x60

За некоја година името Mighty Morphenaut може да ви се појави во некоја вест која ќе прикаже човеколики роботи кои се дружат и пијат кафе на Меѓународната вселенска станица. Се работи за проект во соработка меѓу NASA и SONY во кој со помош на технологија за виртуелна реалност се тренираат оператори да управуваат роботи во вселената.

Роботите во симулаторот се човеколики и засега имаат само виртуелно присуство. Операторот го става ВР уредот на глава и потоа фаќа и отпушта предмети или мрда во разни насоки со екстремитетите, а тоа се пренесува во симулацијата преку роботски раце кои потсеќаат на човечки. На овој начин можно е во иднината разни задачи кои денес ги прават луѓе, а се опасни или досадни, да ги прават роботи во контрола од вселенскиот брод или директно од Земјата.

Во симулаторот дури постои опција за емулација на времето на каснење за сигналот. Кога ќе се вклучи роботот не ги извршува командите веднаш туку му треба одредено време (на пример, половина секунда), во кое време се појавуваат привидни траги од тоа каде треба да се појават неговите екстремитети.

Ваквите роботи ќе можат да се користат за мисии надвор од вселенскиот брод или на места каде нема заштита од космичкото зрачење, а можеби и воопшто ќе ги заменат луѓето во иднината на подалечни мисии. На пример, слетување на брод врз површината на јупитеровиот сателит Европа би можело да се изведе со роботизирани единици управувани директно од Земјата (со некое каснење).

Извор: Futurism, Ubergizmo

Претходна статијаГХС можеби откри нова, потешка честичка од Хигсовиот бозон
Следна статијаZTE Axon MAX e 6 инчен смартфон со луксузна изработка и достапна цена