Microsoft HoloLens е едно од најимпресивните парчиња технологија последниве неколку години. Овие очила за изменета реалност можат буквално да стават холограм во вашето опкружување и се особено интересни за секој малку поголем вљубеник во технологијата, но нивната намена засега е многу поважна – да им помага на научниците, дизајнерите и докторите да ги подобрат своите техники.

Како одличен пример за ова е новиот Scopis Holographic Navigation Platform, кој ќе им овозможи на докторите побрзо да ги најдат точките каде ќе треба да направат интервенции. За таа цел, HoloLens користи 3D следење на околината и му овозможува на докторот поставување на виртуелни монитори во неговата околина, со цел тој полесно да ги следи препораките за операцијата и состојбата на организмот додека работи.

Управувањето со оваа виртуелна околина е исклучително лесно –докторот тоа може да го прави само со гестикулации од рацете во воздухот, што не само што е природно, туку и ја намалува потребата од дезинфекција, бидејќи холограм не може да биде заразен од вирус кој може да ги нападне и луѓето. Шала на страна, ова е одлично покажување на она што HoloLens може да го понуди во различни сфери од нашите животи.

Засега, ова е само видео во кое Microsoft покажува како би можел да се користи HoloLens. Иако технологијата сигурно ќе помогне во вакви ситуации, не очекувајте инстантна имплементација, пред сѐ поради високата цена, но и неподготвеноста на дивелоперите и воопшто, тоа што многу повозрасни доктори ќе треба да се прилагодат на една целосно нова технологија. Како и да е, со ваквите технологии барем знаеме дека иднината е многу посветла и дека се помалку и помалку ќе треба да се грижиме при ваквите лекарски интервенции и операции.

Извор: Mashable, Engadget, The Verge

Претходна статијаThe Light Phone е супер минималистички мобилен телефон со многу малку опции
Следна статијаPeople апликацијата во Windows 10 добива нов “Neon” дизајн