Изумот на компанијата Tesla, Powerwall, веднаш по своето појавување стана стандард кога се однесува на капацитетите за чување на енергија наменета за користење на мали потрошувачи, односно домаќинства. Компанијата создаде цел ланец на производи со кои обезбедува акумулирање и складирање енергија која би можела да се користи во домаќинството, меѓутоа, Tesla не е единствената компанија која го препознава потенцијалот од искористувањето на зачуваната електрична енергија надвор од рамките на авто-индустријата.

Конкурентскиот Daimler објави дека веќе започнал со доставување на складишни единици за електрична енергија кои самиот ги произведува, на домаќинства и бизниси ширум Германија. Искутвото со кое компанијата располага од развојот на Mercedes-Benz Hybrid, овој пат е применето во конструирањето на литиум-јонската батерија наменета за домаќинствата. Поединечно, секоја батерија има капацитет од 2,5 киловат/часови, меѓутоа уредот е дизајниран да содржи максимален број од 8 засебни батерии кои формираат капацитет од 20 киловат/часови.

Уредот е дизајниран да биде компатибилен со соларните фото-волтни панели кои акумулираат енергија за време на сончевиот период од денот. Зачуваната енергија, корисникот, ќе може да ја користи по потреба или во ноќниот период кога панелите не создаваат енергија.

Од компанијата се уверени дека со правилното користење и максималната експлоатација на уредот може да се достигне 65% удел од целокупната потреба енергија на едно домаќинство. Паралелно со тоа, бизнисите, односно големите производствени капацитети, со користење на повеќе вакви уреди би можеле да заштедат солидно количество на сретства кое инаку би го вложиле во енергија. Од компанијата, свесни за токму тој потенцијал, веќе работат на 3 проекти наменети за индустриските комплекси, од кои едниот со капацитет за чување енергија од дури 29 киловат/часови .

За малите потрошувачи, Mercedes-Benz нуди цел пакет кој обезбедува „чиста енергија“, а вклучува соларни панели, уред за складирање енергија, инвертер и систем за менаџирање со енергијата. Целиот пакет би чинел околу 10.000 американски долари со вклучена инсталација на истиот. Новиот производ е веќе достапен во Германија, а се очекува експанзија на европскиот и американскиот пазар во текот на годината.

Извор: Daimler, TreeHuger

Претходна статијаПродавниците на Apple ќе изгледаат сосема поинаку од мај
Следна статијаДроновите на DJI отсега ќе може да ги управувате само со вашата глава, благодарение на новите „очила“