Компанијата Matternet објави дека комплетно автономна мрежа на дронови од сега ќе разнесува лабораториски примероци, тестови на крв и сличен дијагностички материјал низ болничките комплекси, клиники и лаборатории во Швајцарија.

Првата испорака се очекува да се случи веќе наредниот месец, додека веќе наредната година сервисот ќе биде во потполна функција. Според компанијата, медицинскиот материјал би можел да биде доставен во рок од 30 минути.

Компанијата со седиште во Калифорнија, инаку беше првата која доби дозвола да оперира со дронови над густо населени места во Швајцарија. Заедно со оваа објава, тие претставија и Matternet станица, платформа со футуристички изглед и површина од околу 2 метри квадратни која ќе може да се инсталира на покриви или на земја, а со цел да прима испораки од дроновите кои ќе оперираат.

Од компанијата велат дека со „полна пареа“ би требало да работат веќе кон почетокот на 2018-та, а сличен план има и компанијата Zipline која планира сличен тип на испораки за истиот тој период, меѓутоа во Танзанија.

Корисниците оперираат со дронот со помош на апликација преку која можат да ги наведат деталите за транспортот. „Багажот“ се сместува во посебно дизајниран простор на самата појдовна станица. Дроновите, за сега, имаат капацитет да пренесат до 2 килограми товар. За превземање на „багажот“ потребно е да се скенира претходно генериран QR код.

Максималната дистанца која дроновите можат да ја покријат изнесува 20 километри, со брзина до 70 километри на час, во зависност од временските услови. Сообраќајот на небото го регулира автономен систем, па практично не постои шанса да дојде до судир.

Извор: The Verge, TechCrunch

Претходна статијаИнтервју со Андрес Гранберг, Директор на Шведската агенција Нод Пол пристигнува во Ровињ
Следна статијаТим Кук: Цената на новиот iPhone одговара на барањето на купувачите