136011822

Сите ги знаеме и памтиме двокатните црвени автобуси кои се препознатливи за Лондон. Тоа што веројатно не го знаете е дека Лондон веќе некое време оперира со електрични и хибридни автобуси кои развозуваат патници по згужваните градски линии. Ваквите возила во главно беа едноспратни бидејќи моќноста на досегашната моторна технологија и капацитетот на батериите не беше на ниво да издржи двоен автобус со скоро двојно повеќе луѓе.

Сепак, како што најави и градоначалникот на Лондон, Борис Џонсон, се работи на воведување на првиот целосно електричен двокатен автобус, кој ќе биде произведен од кинеската компанија BYD. Очигледно на англичаните во приватно не им сметаат кинеските производи иако јавно повремено ги осудуваат како неквалитетни. Како и да е, новиот автобус ќе вози на линијата 16.

Причината поради која се воведуваат електричните и хибридните возила во јавниот транспорт во Лондон е поради нечистиот воздух. Можеби на некој од вас му останало во меморијата катастрофалната ситуација во 1952 година наречена „Големиот смог“, во која поради комбинација од директно загадување поради загревање и индустрија, и безветерни временски услови, лондонскиот воздух постанал неверојатно загаден и недостапен за дишење, предизвикувајќи огромни проблеми кај стотици илјади луѓе (а околу 4.000 имале прерана смрт). Според најновите истражувања пак, укажуваат на тоа дека една од најпрометните улици, Оксфордската улица, го има едно од најголемите светски нивоа на загаденост со азотен двооксид.

Ваквите чекори се преземаат за да се намали загадувањето и да се решат еден куп болести и симптоми поврзани со загадениот воздух, како што се: безенергичност, поспаност, вртоглавица, задушување, алергиски и астматични реакции, рак на белите дробови… Од друга страна, некои власти место да преземаат активни чекори против воздушното загадување (за што се платени од даноци и други јавни давачки) ги „советуваат“ своите граѓани да останат дома. Секое општество со свои начини за „решавање“ на проблемите.

Извор: Engadget, The Guardian

Претходна статијаGoogle Earth со две новини за 10 годишнината од претставувањето
Следна статијаДостапен iOS 8.4 – Го вклучува новиот Apple Music сервис