Наскоро се чини ќе помине времето кога може да „фатите врски“ кај некој во полиција за да завршите работа. Имено, во Кина ќе се гради првата полициска станица која ќе биде целосно управувана од вештачка интелигенција наместо од луѓе. Сепак, оваа полициска станица ќе биде пред сѐ наменета за возачите и работите поврзани со сообраќајот, а не со потешки криминали.

Според извори од кинескиот “Caijing Neican”, во оваа станица идните возачи ќе можат да се учат преку возачки симулатори и дури и да полагаат за возење автомобил. Исто така, вештачката интелигенција ќе може да ги препознава лицата на посетителите и дури и да го регистрира нивниот автомобил. Технологијата во станицата ќе биде на Tencent, која е нормално кинеска компанија, а станицата ќе биде изградена во градот Вухан.

Идејата зад оваа полициска станица е да се забрзаат процесите кои обично се вклучени при вадењето на нови документи или учењето на нови возачи. Серверот на станицата ќе биде целосно локален, што дополнително ќе помогне во брзината на испорачување на податоците, а станицата ќе работи 24/7, бидејќи на компјутерите и не им треба одмор.

Примената на вештачката интелигенција се чини е направена на вистинското место, бидејќи во скоро секоја земја чекањето за нова регистрација или возачка дозвола е премногу фрустрирачко, а и тренинг возењето за земање нова возачка дозвола знае да трае и повеќе од еден месец.

Извор: The Next Web, Tech Node, Silicon Republic

Претходна статијаSamsung добитник на 36 CES 2018 награди за иновации за Извонреден Дизајн и Инженерство
Следна статијаПротечени серија фотографии од OnePlus 5T