ai-hand

Ги сметаме мравките за безначајни. Ги игнорираме се додека не ни се испречат пред стопалата додека го реновираме или чистиме својот дом…а во тој момент комплетно  ги уништуваме. Не зашто ги мразиме, туку затоа што не попречуваат во постигнување на својата цел во тој момент. Чувствата не играат улога во оваа интеракција, едноставно се работи за инфериорноста на еден вид кога се соочува со посилен, помоќен, поинтелигентен од својот.

Замислете си еднакво сценарио, но во кое нашата улога (или улогата на човечкото стопало) ја има вештачката интелигенција, а ние ја играме улогата на мравките. Според Сем Харис, ова сценарио е сосема остварливо во не толку далечната иднина. Во својот последен ТЕД говор „Можеме ли да изградиме ВИ без да ја изгубиме контролата врз нејзе“, Харис вели дека ќе изградиме машини кои се толку многу компетентни, што секоја разлика помеѓу нашите и нивните цели ќе доведе до разорни последици за нас. Од друга страна, тој смета дека иако аргументите за остварување на ова се непоборливи, луѓето немаат соодветна емоционална реакција дури и во ситуација кога облозите се огромни, т.е. во прашање се доведува опстанокот на човечкиот вид.

Тој смета дека скептиците, т.е. оние кои не веруваат во тоа дека во иднина ќе бидат создадени суперинтелигентни машини, треба да сметаат дека една од следниве претпоставки е погрешна за да можат да го поткрепат тоа тврдење:

  • Процесирањето на информации е основа на интелигенцијата
  • Ќе продолжиме да ја развиваме способноста на интелигентните машини
  • Не сме го достигнале врвот на нашата интелигенција

Првото не може да се побие. Веќе постојат компјутери кои се способни да „мислат“ односно да се подобруваат и да пресметуваат десетици илјади пати побргу и поефикасно од човекот. Второ, вредноста на вештачката интелигенција за човечкиот род е повеќе од докажана. Компјутерската моќ е двигател на разни општествени процеси во светот, едноставно толку многу се потпираме на технологијата што стагнирањето во нејзиниот развој можно е да доведе крајно негативни последици. За компјутерската моќ да престане да се развива, веројатно е потребна некаква катастрофа како на пр. нуклеарна војна, смртоносна чума или астероид да удри во земјата.

Најпосле, се разбира дека не сме ја достигнале врвната точка од нашата интелигенција. Како што постои разлика помеѓу просечниот човек и една кокошка, или помеѓу просечен човек и да речеме, Елон Маск, така постои и еден многу повисок спектар на интелигенција кој не можеме да тврдиме дека сме го достигнале. Харис смета дека ВИ ќе го разгледува овој спектар на интелигенција на начин кој не можеме да го замислиме и ќе достигне нивоа на интелигенција кои се незамисливи за просечниот човечки ум. Да се тврди обратното е во најмала рака, арогантно.

Аргументи против секирање за суперинтелигентна ВИ

„Оваа иднина ќе биде сегашност за 50 до 100 години отсега“

Харис го побива овој аргумент употребувајќи ја аналогијата смислена од Стјуарт Расел.

Ако вонземјанска цивилизација ни прати порака со која вели дека ќе пристигне на земјата за 50 години, нема да седиме со вкрстени раце и да чекаме да дојде тој ден. Ќе чувствуваме одредена ургенција за да реагираме соодветно.

Не сме свесни колку време ќе ни треба да ги создадеме условите за да направиме суперинтелигентна ВИ на безбеден начин. Оттаму, временскиот аргумент е неважен.

„Овие машини/компјутери ќе бидат продолжение на човекот, оттаму ќе бидат безопасни“

Симпатичен аргумент, кој го занемарува фактот дека суперинтелигентна ВИ ќе биде неверојатно моќна алатка која може да биде користена за злонамерни цели (мисли Хирошима и Нагасаки). Што ако ИСИС дојде до технологијата со која ќе може да создаде ВИ? Што ако некои од светските суперсили сфатат дека преку создавање на ВИ си даваат конкурентска предност во споредба со остатокот од светот? ВИ може да биде новата нафта, новото злато, новиот ресурс за кој би се воделе војни, и ресурс СО кој ќе се водат војни. Поради овие ризици, ваквиот аргумент е нецелосен, иако теоретски добар.

Имаме само една шанса да го направиме ова како што треба. Харис најдобро го сумира ова на крајот од својот говор

Мора да признаеме дека сме во процес на креирање на некаква форма на Бог. Сега би било добро време да се осигураме дека тоа ќе биде Бог со кој би можеле да живееме.

Претходна статијаSamsung Galaxy S8 ќе има нов асистент со вештачка интелигенција
Следна статијаXiaomi претстави три нови Redmi 4 смартфони од средната класа