Алкалните батерии кои ги купуваме по супер маркетите секако не можат да се наполнат, односно имаат само единечно полнење. Сепак, според нови откритија на компанијата Ionic Materials, алкалните батерии можат да се направат за повеќе полнења, исто како li-ion батериите кои се толку многу распространети денес.

Најдоброто од се кај ова е не само што има ново решение за батерии на полнење, туку тоа што тие ќе бидат поевтини од литиум-јонските, што во превод значи и поевтини уреди, но најмногу од се, поевтини електрични автомобили. Алкалните батерии на полнење се цврсти, односно немаат течност во нив, што ги прави многу побезбедни од експлозивните литиум-јонски батерии, што е исто така особено значајно за автомобилскиот сектор.

Засега, овој тип на батерии сепак не е спремен за сериско производство – прототипите кои ги тестира компанијата Ionic Materials можат да издржат само 400 циклуси на полнења, но според нивните инженери, оваа бројка може да биде тројно поголема, со што би се доближила на li-ion батериите.

Исто така, бидејќи во овие батерии се користат цинк и манган, тие се малку потешки од li-ion батериите, па инженерите ќе треба да поработат и на тој аспект (веќе тестираат алуминиум наместо цинк), со цел да ги направат конкурентни, а тоа особено важи за електричните возила.

Ова е само една од поголемиот број на вести за нов тип на батерии, но поради тоа што оваа технологија не е особено егзотична, таа би можела да се појави на пазарот за 5 години отсега. Дополнителна тежина на ова дава тоа што еден од создавачите на огромниот SUN Microsystems, Бил Џој, е еден од сопствениците на новата Ionic Materials компанија.

Извор: Business Insider, Oil Price

Претходна статијаIntel го претстави својот најмоќен Core i9-7980XE чип со 18 јадра
Следна статијаSamsung Internet Browser достапен за сите Android коринсици