Своевремено најголемиот гигант во компјутерската технологија IBM, почнува полека да се враќа на сцената со своите иновации – после најнапредниот асистент со вештачка интелигенција “Watson”, тие лансираат и чип со големина на транзисторите од само 5nm, а во соработка со Samsung и GlobalFoundries, компанија која произведува чипови за Qualcomm и AMD.

Но, зошто е ова толку голема вест? Бидејќи досега се сметаше дека транзистори под 7nm нема да можат да се произведат, односно дека тоа е долната граница. Со новиот дизајн, IBM им овозможува на класичните компјутерски процесори продолжување на напредокот кој почна да забавува последниве неколку години, а поради се поголемите проблеми за намалување на големината на транзисторите.

Чиповите со 5 nm ќе имаат огромни придобивки – за ист дизајн како чиповите со транзистори од 10nm ќе се добијат 40% подобри перформанси и дури 75% поголема ефикасност, што ги прави овие чипови идеални за продолжување на траењето на батеријата кај преносните уреди.

Сето ова е постигнато благодарение на „нано листови“, со кои се обвиени транзисторите. Ваквиот дизајн од IBM го нарекуваат “gate-all-around”, односно GAAFET процес, за разлика од FinFET процесот на актуелните процесори.

Интересно, дизајнот на IBM е дури и поедноставен од тој кој се користи денес, што значи дека би можел да има реална примена во чиповите од иднината.

Новиот GAAFET процес на производство според IBM може да се искористи и за изработка на процесори со транзистори од само 3nm. Сепак, под тоа веројатно не би можело да се оди, но според моменталниот развој на процесорите, само за да стигнеме до процесори со 3nm големина на транзистори, ќе ни требаат околу 10-тина години, време за кое сигурно ќе бидат многу поразвиени и квантните компјутери.

Извор: CNET, The Verge, Tech Crunch

Претходна статијаApple ја претстави новата верзија од macOS наречена High Sierra
Следна статијаНови информации за iPhone 8 ги потврдуваат 15-те најважни функционалности