Вирусот на грип

influenza_virus

Медицината е гранка која исто така е зафатена од брзиот развиток на технологијата и секојдневно се појавуваат нови откритија кои нудат подобрување во лечењето и третирањето на разни болести, заболувања и повреди.

Сепак, несекојдневна е глетка кога ќе пристигне ваква вест – дека е создадена макромолекула која потенцијално може да го уништи било кој вирус. Се работи за инженерски потфат од страна на IBM (да, тој IBM) кој создаде интересен молекуларен склоп.

Како функционира макромолекулата против вирусите

Имено, макромолекулата (која е наречена така бидејќи е комбинација од повеќе составни делчиња со различна функција) користи интересен механизам за да ги блокира вирусите.

Сите вируси на својата површина имаат гликобелковини (glycoprotein). Овие молекули се наелектризирани позитивно или негативно и ваквата потенцијација им овозможува да се врзуваат за здравите клетки. Практично, преку гликобелковините (шеќерасти белковини) тие се „лепат“ на клетките, по што ја вршат својата „работа“ – на пример, ослободување на генетската ДНК информација внатре во здравата клетка и заменување на дел од нејзината ДНК (процес кој е изведен од ХИВ и другите ретровируси).

За среќа, гликобелковините се лепливи и за други молекули. Токму тоа го целеле истражувачите во IBM, целосно игнорирајќи ги ДНК и РНК на засебните вируси кои традиционално се цел на напади, но кои се различни од вирус до вирус и оттаму тешки за откривање и напад.

Макромолекулата на својата површина има наелектризираност која овозможува да се залепи до вирусната гликобелковина пред тој да стигне да се залепи до здрава клетка. Во првата фаза, со нејзиното залепување се случуваат два процеса: електричниот потенцијал на гликобелковината се неутрализира, што го оневозможува вирусот да се лепи на клетка, а дополнително самата макромолекула делува како физички блокатор за вирусот.

Во втората фаза макромолекулата на себе има еден вид на шеќер наречен маноза кој се врзува за здрави имунитетни клетки и ги привлекува кон вирусот – овозможувајќи им побрзо и поефикасно да го откријат и уништат.

Што би значело ова за борбата против вирусните инфекции

На овој начин борбата против разни молекуларни „гадови“ како разните вируси Зика, Ебола, ХИВ, херпес, ХПВ, птичји грип, беснило и други кои нè малтретираат со векови може да биде значително олеснета и можеби конечно победата ќе се смести во наши раце. Секако, ако во меѓувреме овие „гадови“ не пронајдат друг начин да се врзуваат за клетките, но тоа на краток рок изгледа малку веројатно.

Битно е дека механизмите на борба ни се подобруваат секојдневно што е директен производ на развитокот на технологијата (и прашина во очите на техноскептиците).

Дополнителни информации: Science Alert, PopSci, Mysterious Universe

Претходна статијаLogo Foundry – апликација за едноставно креирање на лого, ако немате за дизајнер
Следна статијаSamsung ги претстави Galaxy C5 и C7 само за кинескиот пазар