AI

Создавањето на вистинска генерална вештачка интелигенција (ВИ) е на повидок. Како што имаме пишувано неколку пати досега, таа се очекува да настане на средината на овој век, а за многу кратко време да стане интелектуално супериорна во однос на целото човештво. Ние и сега имаме разни специјализирани ВИ кои изведуваат разни задачи како производство и склопување на уреди, пренасочување на сообраќај, играње шах, и во сите овие задачи се супериорни во однос на луѓето но – немаат способност за самостојно стекнување нови вештини и знаења. Од друга страна, пред некое време пишувавме за Супер Марио кој стана (само)свесен на едно рудиментирано ниво, што е показател дека сме на патот на вистинска генерална ВИ.

Сите светски технолошки гиганти работат на ова поле. Оттаму, само што пристигнаа вестите дека Google создал ВИ која потполно самостојно учи и развива стратегии за задачите кои и` биваат доделени. Таканаречениот „агент“ според Google лесно се снаоѓа со ретроигри и постепено развива напредни стратегии за игра. На самата ВИ од програмерите веројатно и` е зададена „наградата“, а тоа е што повеќе поени да има во што помалку време (што е друг начин да се изрази ефикасност), и таа самата почнува да влече потези и да учи на резултатите од тие потези.

На пример, во играта на одбивање на топче за да се „срушат“ обоени „цигли“ во горниот дел од екранот, на почетокот агентот е навистина смотан и губи катастрофално. По неколку стотици поминати игри, тој учи како да го следи топчето, да не му дозволува да падне, па дури и развива напредна стратегија како топчето да го пикне зад циглите за да постигне што повеќе поени без да има потреба да интервенира постојано. Истото можете да го забележите на следното видео:

Оваа ВИ е развиена од копанијата DeepMind која беше купена од Google пред некое време. Овој систем е засега ограничен на хардверот кој го има DeepMind, но секако треба да почнеме да мислиме ако некој ваков систем случајно излезе од ограничен хардвер и продолжи да се развива независно паразитирајќи го хардверот на светските компјутери врзани преку Интернет. Ова сценарио може да се развие и ако некој независен истражувач/програмер создаде ВИ кај себеси, а намерно или случајно ја ослободи во светската мрежа.

Ваквото сценарио секако можеме да видиме зошто е проблематично, од можноста за започнување на нова светска војна, до уништување на човештвото и пореметување на светската економија… ВИ пружа потенцијал за одлични напредоци и за конечно постигнување на следниот еволутивен чекор на човештвото, но со себе носи огромни закани кои мораме да ги адресираме пред да дојде првата вистинска генерална ВИ. Тогаш може веќе да биде касно.

Извор: The Guardian, Proton4, Gamespot

Претходна статијаKazam, компанијата со бивши челници на HTC, лансираше цела плејада нови Android и Windows Phone телефони
Следна статијаToyota го претстави производствениот погон на првиот автомобил на водород, Mirai