Полека, но сигурно големите автомобилски компании се насочуваат кон производство на автономни возила. Овие возила се очекува во иднина да ја зголемат безбедноста на патниците, но истовремено да го намалат и метежот на патиштата. Најновиот автомобилски гигант кој ќе се приклучи на овој нов правец е Ford. Компанијата објави дека ќе инвестира една милијарда долари во Argo AI стартап компанија со седиште во Питсбург. Инвестицијата ќе се реализира во период од пет години, а до крајот на оваа година се предвидени 200 нови вработувања.

Според сојузот на автомобилски инженери постојат шест различни нивоа на автономни возила, од воопшто неавтоматизирани до целосно беспилотни автомобили. Ford и Argo AI ќе работат на креирање на виртуелен систем за четвртото ниво на автономност. Првите возила кои ќе произлезат од соработката помеѓу овие две компании треба да ги очекуваме во 2021 година. После завршување на договорот, Ford најверојатно ќе им дозволи на Argo AI да ја продаваат својата технологија на други автомобилски компании кои бараат ваква технологија.

Инаку компанијата Argo, која е основана во декмври, има свои центри во Мичиген и Калифорнија. Во своите редови има вработени од Универзитетот Carnegie Mellon, кои им помогнаа на Google и Uber да развијат автономна технологија. Според Mark Fields, извршниот директор на Ford, оваа соработка ќе биде спојување на најдоброто од светот на автомобилската индустрија и светот на автономната технологија. Според Argo AI пак, соработката со Ford се очекува да биде успешна и да конкурира на соработките од типот на Google со Waymo, или пак General Motors со Cruise Automation.

Извор: Wired, NYTimes

 

Претходна статијаМодул 2 – Кои се бенефитите на вашиот продукт?
Следна статијаНаучници од Харвард развија „течна батерија“ која има исклучително долг век на траење