Виртуелната реалност за сега, се’ уште претставува нешто што едноставно така се нарекува, а всушност е многу далеку од она како е замислена. Сепак, научниците кои работат на развивање на оваа технологија остваруваат крупни чекори во насока на подбрување и усовршување на популарниот VR. За таа цел, на CHI’17 конференцијата во Денвер, САД, тимот научници од институтот Хазо-Платнер од Потсдам, Германија презентираа начин на симулирање на ѕидови или цврсти објекти преку контракции предизвикани кај мускулите на човекот.

Истражувачите ја искористиле технологијата која се користи во медицината за емулирање мускулни контракции, сместена во ранец, а која преку USB е поврзана со останатиот дел од VR технологијата, односно симулатор, Samsung GearVR визир, електроди поврзани со рацете на корисникот и сензор кој идентификува движења. Интересно да се напомене е дека според истражувачите ова се смета за релативно малку хардвер потребен за реализација на ваков потфат.

Електродите прикачени за рацете на корисникот, поточно за конкретни мускули, со помош на умерени електронски „шокови“, создаваат контракции во мускулите кои човекот ги чувствува како напорот кој го вложува при подигање на тежок предмет или допирање на ѕид.

Примената на електронското стимулирање на мускулите може да се најде години наназад, примарно во медицински цели. Меѓутоа, идејата на тимот истражувачи од Потсдам е искра која ќе инспирира голем број други кон успешно развивање на концептот на виртуелна реалност во вистинска смисла на зборот, вклучувајќи ги сите сетила.

Извор: Engadget

Претходна статијаПротекоа хардверските побарувања за Windows 10 Cloud
Следна статијаСеавус Инкубатор ја носи израелската стартап сцена во Скопје