3D технологијата достигна неверојатен напредок за краток временски период. Уште поневеројатна е веста која што ни доаѓа од Дубаи, а тоа е дека таму се очекува да се изгради првиот облакодер од 3D принт. Овој проект ќе биде дело на компанијата Cazza Technologies, која е со седиште во Дубаи. Претставниците на оваа компанија велат дека на почетокот се верувало дека со 3D принтери може да се изградат само ниски градби, но поради постојаните прашања дали може да се направи и висока градба, веќе почнале да размислуваат во тој правец.

Во оваа компанија веќе располагаат со огромни 3D принтери коишто можат да направат сложена градба и конструкција. Наредниот чекор е истите да се прилагодат за високи градби. Во градбата на овој облакодер во Дубаи планирано е да се користат постоечки кранови, тоа значи дека нема да има потреба да се градат нови кранови специјално за овој проект. Повеќе детали околу димензиите на овој објект се’ уште се чуваат во тајност.

Иако ова е првиот поголем објект од овој тип, други помали градби веќе се изградени со помош на 3D принтери во Кина, САД, Холандија итн. Се очекува многу градежни компании во иднина да се прилагодат на оваа нова технологија со што цените ќе се намалат и самата технологија ќе стане подостапна. Знаеме за употребата на 3D принтери во областа на медицината каде што успешно се принтаат човечки органи, па дури и ќелии. Овој брз напредок на оваа технологија се очекува уште повеќе да се зголеми во иднина.

Извор: Futurism

Претходна статијаVue се очила со диоптер и вграден фитнес тракер, кондуктивни слушалки и Bluetooth
Следна статијаЕлектронски уред за надзор на работата на срцето во секое време