ttqitwn3fmrwt2sjjwc0

Веројатно сите ја знаеме компанијата Dolby Laboratories. Основана од Реј Долби во 1965 г. прерасна во една од најпознатите компании кои се занимаваат со звук и аудио технологија. Dolby како што знаеме е во главно специјализирана компанија за обработка на звук и намалување на шум. Во 2012 година го најавија Dolby Atmos, технологија за просторен звук во главно наменета за кино сали, но потоа донесена и во домашниот „театар“ преку користење на 5.1 до 7.1 конфигурација на звучници.

Сега Dolby влегува во подобрување на видео содржините со работа на нивниот Dolby Vision, кој беше претставен на CES2014. Тие што се занимаваат со аудио знаат дека поради нерационалната желба да се биде погласен од своите конкуренти, денеска авторите и аудио мастеринг инженерите го „смачкуваат“ динамичкиот распон на своите дела со аудио-компресори за во просек да испаднат погласни, а со тоа ги уништуваат сите убави детали и текстури кои постојат во нивното аудио. Ова се нарекува „Војна на гласност“.

Телевизијата пати од истиот проблем, со тоа што таа пати поради ограничувањата во тоталниот динамички распон кој ги тера емитувачите на содржини, но и произведувачите на телевизори/монитори да ги „натискаат“ истите во достапниот распон, така резултирајќи во не толку динамички краен резултат кој има недостаток на бои, контраст и брзина на прилагодување. Слично и кај звукот, многу од фините детали кои биле фатени со камерата мора да бидат „смачкани“ за да можат да се прикажат низ денешните видео стандарди.

Затоа доста од производителите на висококвалитетни уреди за прегледување видео содржини како и на кино салите повикуваат за воспоставување на нов стандард, UHD (Ultra High Definition). Со овој стандард се предвидува воведување на 4К (3.840 х 2.160) и 8К (7.680 х 4.320), 120 слики во секунда и зголемен динамички распон на бои и контраст. Dolby работи во рамките на овој стандард преку вградување на системи за намалување на шум, истакнување на динамиката на видеото и подобрување на распонот на бои.

Погледнете го видеото каде од Dolby ја промовираат работата на својот нов стандард на CES2015.

Решението на Dolby не е единствено и некои од компаниите се обидуваат да го заобиколат за да не плаќаат лиценца за користење на нивната технологија. Сепак, би требало да се спомне дека Dolby си ја знаат работата и најверојатно тоа што ќе го дизајнираат ќе го донесе посакуваниот квалитет, особено имајќи предвид дека имаат искуство од повеќе од 5 декади работејќи на динамички распон со звук кој во најосновата е сличен со видеото како сигнал.

Извор: The Verge

Претходна статијаElon Musk донира 10 милиони долари за развој и заштита од вештачката интелигенција
Следна статијаElon Musk ќе изгради тест пруга за развој на Hyperloop проектот