Безжичното полнење денес не е баш „целосно“ безжично, а воедно и уредот кој се полни не може да го користите во истиот момент, односно мора да го подигнете од лулката. Disney Research, компанијата која ни е пред сѐ позната по холивудските блокбастери, развива ново безжично полнење кое ќе може да ги полни нашите преносни уреди на многу поголеми далечини.

Нивната технологија е наречена “quasistatic cavity resonance” и е многу слична на идејата на Никола Тесла за пренос на електрична енергија преку воздухот. Овој начин на пренос е многу помоќен од досегашните и во теорија би требал да овозможи полнење на многу поголеми далечини. Сепак, овој пренос на енергија е лош по здравјето на луѓето и Disney Research работи да го анулира тоа.

Имено, тие имаат направено соба од 54 метри квадратни, во која преку “quasistatic cavity resonance” тие можеле да пренесат трансмисија од 1,32 MHz и неверојатна моќност од 1.900 вати, која е доволна за да се полнат многу, многу електронски уреди и дури да се напојува некој поголем потрошувач во домаќинството. Ефикасноста на системот е просечно околу 40%, но може да постигне до 95%. Заштитата на човекот е постигната со транзистори вградени во металните ѕидови на собата, на покривот и подот, кои би ја одземале енергијата пред таа да пристигне во човечкото ткиво.

Ваквиот начин на безжично полнење слободно можеме да го наречеме и безжично напојување, бидејќи неговата моќност е доволно голема да го опслужи и вашиот гејмерски десктоп компјутер на пример. Замислете соба во која нема да имате ниту еден кабел – тоа е идејата на Disney Research и нивната “quasistatic cavity resonance” технологија.

Како и да е, голем недостаток на оваа технологија е што собата во која би се вградила треба специјално да е изградена за таа намена, што значи дека нема да може само да купите ваков „полнач“ и да го вградите во вашата соба.

Извор: PocketNow, Mac Rumors, ARS Technica

Претходна статијаДронови ќе превезуваат патници во Дубаи
Следна статијаEnergy Observer – брод кој сам произведува гориво додека плови