Во минатото време, ентериерите на автомобилите се изработуваа од дрво, метал и кожа, се додека пластиката не стапи на сцена и освен во најскапите модели, целосно не ги замени тие три материјали за изработка на ентериерите на автомобилите.

Corning, компанијата која ги изработува Gorilla Glass стаклата за нашите смартфони и таблети, сака да го промени и ова, со изработка на ентериер на автомобил целосно од стакло.

Во еден ваков автомобил, покрај тоа што предната конзола ќе биде од стакло, од стакло ќе бидат и воланот како и останатите компоненти. Идејата е да може да се вгради дисплеј секаде каде што ќе може да погледнете, нешто што особено ќе има смисла во автономните возила, кои полека но сигурно ќе станат дел од комерцијалните автомобили на почетокот од наредната деценија.

Интересно, дисплеите кај овие возила не се покриени како кај другите автомобили денес, со цел да бидат заштитени од сончева светлина и од Corning велат дека тоа е направено така бидејќи веќе има технологија за супер светли екрани кои можат без проблем да бидат видливи и на директно сонце. И не само тоа – прототип автомобилот има дури и стаклен покрив, кој само со стискање на едно копче може да се направи од целосно транспарентен до целосно црн.

Секако, многумина веднаш ќе помислат дека стаклото е многу лош материјал во случај на несреќа, но од Corning велат дека патниците ќе бидат целосно заштитени со воздушни перничиња и поради природата на Gorilla Glass, тоа само би се распукало како пајакова мрежа, без да може да излетаат остри парчиња настрана. Доказ за квалитетот на Gorilla Glass е што тоа се користи во новиот импресивен супер автомобил Ford GT, чии предно и задно стакло се токму Gorilla Glass. Ford го избрал овој материјал за да ја задржи цврстината и безбедноста, но да ја намали масата на возилото.

Извор: CNN, My Twin Tiers, Kron4

Претходна статијаLG го покажа освежениот G6+ и во видео
Следна статијаGoogle Play Store 8.0 добива една мала, но навистина корисна новина