p90212587-highres-1

Еден од најголемите автомобилски брендови, BMW, годинава ја слави својата 100 годишнина од своето постоење и по тој повод, претстави нов фантастичен концепт, кој ја најавува насоката во која ќе се движи производителот во наредните 100 години.

И не, автомобилот нема да лета. Иако сите очекуваме веќе подолго време дека во блиската иднина автомобилите ќе летаат, тоа веројатно нема да се случи. Барем не наскоро. Од друга страна, концептот на BMW најавува целосно автономни автомобили – возачот тука ќе може да се релаксира додека сензорите и компјутерот ја обавуваат неговата работа. Дури и предните седишта се вртат едно кон друго за да се социјализирате со вашиот сопатник.

P90212296_highRes.0

Но, бидејќи се работи за BMW, производител кој најмногу внимание во дизајнот и конструкцијата на своите возила вложува во задоволството во возењето, тука и возачот мора да може да се забавува со автомобилот, односно да може да го управува. Затоа, доколку ви се посака малку да го завртите воланот и да ги притиснете педалите, тие можат да излезат од предната конзола само со стискање на едно копче, кога се активира Boost режимот (останатиот режим се вика Easy).

Внатрешноста инаку е опремена со жив материјал изработен од 800 триаголници, кои можат да комуницираат со возачот преку нивното движење. На стаклото пак може да се прикажуваат многу информации од патот, во вид на изменета реалност – слично на Google Glass и Microsoft HoloLens. На пример, може да се прикаже идеалната линија на движење, да се покажат пречки на патот кои инаку не може да ги види возачот итн.

Vision Next 100 е опремен и со специјален објект во вид на скапоцен камен, кој може да комуницира со возачот, но и со останатите учесници во сообраќајот, како на пример пешаците, на кои може да им даде „зелено светло“ дека може да поминат на преминот. “Companion” треба да симболизира интелигенција, поврзување и достапност, а може да ги учи навиките на возачот и да извршува рутински задачи, како и да дава совети.

Однадвор пак најинтересен момент е живата каросерија, која е еластична околу предните тркала и може да се врти заедно со нив. Освен што ова изгледа кул, сигурно драматично ќе ја подобри аеродинамиката, дури и кога автомобилот врти во кривина. И секако, на предната маска гордо се издадени напред бубрезите, стандардни за секој BMW автомобил од неговото создавање.

P90212303_highRes.0

Секако, многу е неблагодарно да се размислува за наредните 100 години – тоа е предолг временски период, но BMW има некои навистина добри идеи за тоа какви треба да бидат автомобилите од иднината и тука, како вљубеник во возењето, особено мислам на можноста и понатаму да ги возиме своите автомобили, барем во некои специјални услови.

И има неколку поставени прашалници. Поточно еден поголем прашалник, како на пример тоа зошто BMW нема спомнато каков погон има овој модел? Дали не се сигурни кој погон ќе преовладее со пазарот на автомобили – електричниот или тој на водород или пак ќе моторите со внатрешно согорување ќе ги гледаме уште многу долго време? Навистина ќе беше добро како толку влијателен производител да имаат дефинитивен одговор и на ова прашање…

Извор: The Verge, Autocar, Autoblog

Претходна статијаПретставен агрегаторот за автомобили НајдиАвтомобил.мк
Следна статијаЗаканата од ВИ – што сè е способна да направи денес