Соларните панели се технологија која може особено многу да помогне во намалувањето на загадувањето на околината и добивањето на чиста енергија, но корисниците сѐ уште немаат директна полза од нив. Поточно, скоро и да нема ниту еден популарен уред со панели кој ќе може да ги искористи за бесплатна енергија. Сепак, сега има батерија која нема воопшто да има потреба од нив.

Оваа соларна батерија, создадена од истражувачи на Универзитетот во Монтреал во Канада, може да ја користи соларната енергија за да се полни, без да има потреба од дополнителни соларни панели или ќелии. Поточно, тука соларните ќелии се поврзани на молекуларно ниво со литиум-јонските батерии и можат да помогнат во полнењето на батеријата доколку има некој извор на светлина директно на нив.

Истражувањето на овие батерии е сѐ уште во рана фаза и ќе треба да помине подолго време пред да ги видиме на пазарот, ако тоа и воопшто се случи. Исто така, научниците кои стојат зад овој проект сѐ уште немаат јасно објаснување како функционираат овие батерии, бидејќи тие во моментов и немаат реална батерија со оваа технологија. Наместо тоа, тие овој концепт го имаат испитано со спојување на соларните ќелии и литиум-јонското соединение во лабораториски услови, со вештачко сонце, односно светлина.

Сепак, во моментов е веројатно доволно што тие покажале дека овој концепт може и воопшто да функционира, односно дека може да црпи енергија од извор на светлина. Единствената пречка е материјалот со кој ќе биде обвиена батеријата – тој ќе мора да биде целосно проѕирен, а истото важи и за уредот во кој ќе се вградува.

Дали ова значи дека следуваат нови дизајни на уредите? Лично, мислам дека соларните ќелии се многу поелегантно решение, но да оставиме да видиме што имаат Канаѓаните во ракавот пред да донесеме конечен коментар.

Извор: Digital Trends, Telegraph, Newstalk

Претходна статијаВо тек подготовките за јубилејното десетто издание на Викенд Медиа Фестивал во Ровињ
Следна статијаSamsung работи на смартфон со заоблен екран на сите страни