Денешните батерии во нашите преносни уреди покрај тоа што ги напојуваат, делуваат и негативно на загревањето на чиповите и намалувањето на перформансите, бидејќи и тие самите произведуваат дополнителна топлина. Но, што ако тоа би можело да се смени и ако тие може да се користат за ладење на чиповите?

Резултатот ќе бидат телефони со подобри перформанси. Се работи за батерии со течност, која може да се користи и за ладење на чиповите. За таа цел, батеријата мора да има пумпа која ќе ја движи течноста и која троши енергија, но според создателите на технологијата од IBM и ETH Zurich, дури и со пумпата, оваа батерија е поефикасна за преносните уреди.

Батеријата функционира со помош на 3D испринтани мембрани со многу мали каналчиња, низ кои може да се движат електролитите без потреба од голема пумпа. Електродите пак ја притискаат течноста низ површините на мембраната, низ која може да поминуваат јоните и да генерираат енергија.

Овој систем може да произведе 1,4 вати сила на 1 cm2 површина, од кои 1 ват останува за напојување на уредот откако ќе се одземе силата на пумпата. Ова не се импресивни бројки, но да не заборавиме дека оваа технологија ќе го лади и чипот на уредите и со тоа ќе ја намали целосната потрошувачка на енергија.

Секако, во иднина се очекува зголемување на капацитетот на овие батерии, а според научниците, тие би можеле да се употребат кај големи ласери и соларни ќелии, односно секаде каде што е потребно ладење при користење или складирање на електрична енергија.

Извор: Engadget, The Verge, ALPHR

Претходна статијаСимулатор за составување компјутер
Следна статијаВреме е да се ажурираат 3-те закони за роботика на Исак Асимов