o_193740f9877d3061-0

Автономните возила се технологија на иднината, која ќе стане реалност во следните неколку децении. Подгответе се. Меѓутоа, пред да се случи тоа човештвото треба да реши неколку горливи проблеми околу нивната употреба. Еден од најглавните е синхронизирањето на возилата како би се избегнале сообраќајки и секако, гужвите.

Секој кој возел низ Скопје знае дека сообраќајните учесници си наоѓаат свои начини како да го загорчат животот на себе и другите. Со секоја нова капка дожд се намалува колективната интелигенција за еден процентен поен… Резултатот е хаотична неспособност на скопските возачи да учествуваат во сообраќајот, многу нервоза и глупави потези.

Автономните возила носат ветување за решавање на ваквите проблеми. Впрочем, тимот од МИТ наречен Sensable City Lab создаде алгоритми и симулирани решенија кои овозможуваат толку ефикасна синхронизација и управување со сообраќајот што дури ќе исчезне потребата од семафори.

Нормално, идејата е дека преку тотална контрола на сите возила преку нивните локациски уреди и динамичното набљудување на гужвите и оптимизираноста на сообраќајот ќе можат да се наведуваат по одредена брзина, раскрсница и патека, овозможувајќи ослободување и ефикасно возење. Дополнително, на раскрсниците ќе биде овозможено вкрстување на возила од различни патеки без семафори поради одличната синхронизација.

Тоа за човечки возачи ќе изгледа хаотично и страшно (налик некои сцени на „раскрсници“ на Блискиот Исток), но за дигитализирани возила тоа ќе биде одлично и оптимизирани од аспект на енергетска потрошувачка, загадување и брзина на стигнување до посакуваната цел.

Погледнете го долното видео за да ви стане јасно на што точно се мисли. Целата таа хаотичност не би била погодна за човечки возачи, но роботите сосема добро ќе се снаоѓаат.

Тоа веројатно би значело и одделување на човечките возачи во специјализирани ленти. Имено, некои луѓе никогаш нема да престанат мануелно да возат свои возила. Сепак, нивното возење ќе биде прилично неефикасно и неоптимизирано и за очекување е државите во иднина да ги одделат овие возачи на засебни сообраќајници и да им биде забрането мануелно учество кај главните.

Прашањето е само како ќе се реши сообраќањето на пешаците и велосипедистите на вакви раскрсници каде нема семафори. Ако сепак се воведат семафори, макар и само за нив, тоа би значело повторно кочење на сообраќајот, но сигурно разни над и подвозници ќе бидат веројатното решение.

Дополнителни информации: Gizmodo, SlashDot, PLOS ONE

Претходна статијаGalaxy A9 Pro е 6 инчен смартфон со масивна батерија од 5.000 mAh и 4 GB рам меморија
Следна статијаRazer Ripsaw е уред за директен пренос на игрите на Twitch и YouTube