Денешните модерни смартфони од високата класа поддржуваат брзо полнење на своите батерии, што во превод значи дека батеријата можете да ја наполните за околу 1 час. Сепак, ова за многумина не е доволно брзо, па затоа истражувачи од Рајс Универзитетот работат на нов тип на батерија составена од литиум и асфалт, која ќе може да се наполни за само 5 минути, што би било огромен скок во однос на досегашните типови на литиум-јонски батерии.

Батеријата е инаку составена од „гилсонит“, кој е дериват на асфалт и кој е измешан со нано-ленти од графен. Ова е композитен материјал, кој е обложен со литиум, во процес кој се вика електрохемиска депозиција и кој всушност на креира анодата на батеријата. За катода во оваа батерија се користи јаглерод со сулфур.

Новиот дизајн на оваа батерија ја прави многу постабилна во однос на досегашните (нема опасност од експлозии), како и енергетски погуста и поефикасна. Благодарение на ова, овој тип на батерии има многу поголема моќ од таа на литиум-јонските (1.322 вати по килограм), што значи дека тие ќе издржат повеќе со едно полнење, но поради зголемената густина ќе можат и да се наполнат многу побрзо, односно со полнење од 20 mA по квадратен сантиметар.

Според истражувачите, ова ќе овозможи целосно полнење на батеријата за само 5 минути, што би можело да биде многу значајно за иднината на сите преносни уреди, а особено на електричните возила, кои и натаму страдаат со прилично долги времиња на полнење. И најважно од се, истражувачите велат дека оваа батерија е прилично лесна за изработка и има пониска цена од другите нови типови на батерии, што е исто така многу важно за нејзино донесување на пазарот.

Извор: New Atlas, Phys, Rice

Претходна статијаКаратистите на Макпетрол се вратија од турнирот ,,Kроација опен во Ријека,,
Следна статијаКина направи квантна комуникација со Австрија