audi-erot

Еве нова технологија со која веќе нема да ги избегнувате дупките од патиштата – Audi развива нов суспензија која ќе може да го претвори вертикалното движење на амортизерите и пружините во електрична енергија, која потоа може да се искористи за полнење на батериите кај електричните автомобили на пример.

Суспензијата го носи името eROT и е електромеханичка, за разлика од хидрауличните кои се наоѓаат во најголемиот број на возила денес. Концептот е многу јасен – амортизерите ја претвораат кинетичката енергија во електрична, исто како што тоа се прави со регенеративното кочење кај хибридните и електричните автомобили.

Поточно, во амортизерот има вграден 48-волтен алтернатор, кој од вертикалното движење може да произведе просечна енергија од 150 Watts (3 Watts на автопат, 613 Watts на нерамен селски пат), што ако се размисли и не е воопшто малку, особено што ваков систем може да се вгради на секое тркало. Според тоа, оваа технологија би можела делумно да ја продолжи автономијата на возење кај електричните возила, бидејќи батериите константно ќе добиваат енергија од дупките на патот, но таа веројатно повеќе ќе се користи за напојување на електричните системи во возилото, како мултимедијалниот систем.

Шала на страна, ова не значи дека ќе мора да ги бркате дупките на патот – на сите патишта низ кај нас има и повеќе од доволно нерамнини за амортизерите на Audi да произведат електрична енергија. Згора на тоа, иако поголемите дупки ќе произведат повеќе енергија, тие значително го намалуваат векот на траење на суспензијата и подвозјето на автомобилот. Затоа, избегнувајте ги по секоја цена.

eROT технологијата на Audi инаку е сѐ уште во фаза на развој и не очекувајте многу брзо да ја видите во автомобилите, но Германците велат дека првите тестови на технологијата се позитивни, односно дека дава резултати, што значи дека ваквата суспензија дефинитивно ќе се вградува во моделите на производителот од Инголштад еден ден.

Извор: Ubergizmo, Engadget, Autoblog

Претходна статијаMicrosoft Research и MIT развија паметна тетоважа со која можете да го контролирате вашиот смартфон
Следна статијаKyocera DuraForce Pro е смартфон и акциона камера во едно