ID-100145770

Во рамките на Обединетите Нации, поточно во нивната International Telecommunication Union (ITU) агенција, исто така со поддршка на 193-те земји членки, донесен е патоказ за развој на новиот стандард за безжична комуникација.

Комерцијално наречен 5G, треба да го наследи денеска користениот 4G. Овие стандарди ги одредуваат техничките карактеристики за одредена технологија да може да биде ставена во одредена категорија.

Во случајот на 4G, покрај веќе послабо користениот Mobile WiMAX, најчесто се сретнува како LTE, денеска достапна од сите оператори во нашата земја.

Иако технологиите кои што во главно се користат денеска не ги задоволуваат целосно стандардите на 4G, сепак тие така се нарекуваат маркетиншки, а се развиваат паралелно за задоволување на истите. Оваа технологија овозможува во просек брзини на пренос на податоци од околу 200-400 мегабити во секунда за симнување. Стандардот овозможува брзини до 1 гигабит во секунда за симнување и до 500 мегабити во секунда за качување на податоците.

Сепак, брзините зависат од многу повеќе фактори од поставените стандарди, па кога на тоа ќе се додаде дека ова е максималната брзина која што теоретски еден компатибилен уред може да ја постигне, крајните корисници добиваат само мал дел. Тоа не значи дека користењето на овие технологии не овозможува предност.

Стандардот кој што ќе ги одредени техничките спецификации на 5G, односно безжичната комуникација од петта генерација уште не е завршен. Патоказот поставен од Обединетите Нации бара истиот да биде завршен до 2020 година. Тоа може да се каже дека и не е така далеку.

Брзините кои што се очекуваат да бидат постигнати со 5G се огромни. Оваа генерација на безжична комуникација треба да овозможи поврзување на многу повеќе уреди кои што ќе изискуваат голем трансфер на податоци. За разлика од денешно време, кога безжичната технологија се’ уште во главно се користи за пренос на податоци помеѓу мобилните уреди, 5G ќе треба да овозможи поврзување на уредите од категоријата на Интернет на нештата.

Тоа значи дека стандардот се развива да овозможи поврзување на многу повеќе видови на паметни уреди, а посебно се истакнуваат и паметните само-управувачки автомобили. Сите овие уреди ќе бараат можност за стабилен и брз пренос на податоци за да можат да ги извршат своите функции.

Иако не секогаш крајната цел е корисниците да можат да симнуваат нешто од интернет за многу пократко време, тоа како и да е станува дел од придобивките. Новите технологии ќе овозможат стриминг на содржина од интернет со многу поголем квалитет од денешната. До 2020 година сигурно 4K содржината ќе биде широко достапна, па просечните брзини до 10тина мегабити во секунда од корисник, нема да бидат доволни за гледање на истата.

Извор: TechRadar, Phys.org, ITU

Фото:  mapichai @ FreeDigitalPhotos.net

Претходна статијаLenovo и Razer ги здружуваат силите за производство на нови гејминг компјутери
Следна статијаАлгоритам раскажува што гледа во реално време
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.